Палењето на стрништата е една негативна пракса кај македонските земјоделци која во некои региони се пренесува како некоја традиција. Земјоделците кои го прават ова сметаат дека доколку ја запалат нивата каде претходно имало некоја житна култура тие ќе ги уништат плевелите, штетниците и разните болести кај растенијата. Но дали е тоа навистина така? Беџет Исламоски од прилепското село Канатларци е еден од поголемите земјоделци во Пелагонија со околу 100 хектари засадени со житарица. Апелира до сите земјоделци да не ги палат нивите затоа што стрнката наместо да се пали можела да се употреби како природно ѓубриво.
„Јас како што имам одено по разни самеми и слушнато од експертите агрономи се апелира да се ора стрништето и да се прави од тоа ѓубриво. Јас имам купено дробилкка да ја дробам сламата за да таа ја користам како ѓубриво. Во иднина одиме на поголем принос. А тие што мислат дека ќе запалат го уништуваат земјиштето 5 до 10 сантиметри во длабочина и потоа се паѓа на принос“, вели Беџет Исламоски, земјоделец.
И од Асоцијацијата на земјоделци на Македонија истакнуваат дека земјоделците немаат буквално никаков бенефит од палењето на стрништата, напротив дури ќе имаат и помал принос.
„Доколку ние стрништето го заораме навремено ние ќе имаме дополнително хранливи материи во самата почва. Доколку стрништето се заора, не се запали, ние ќе имаме посигурна почва која ќе има хранливи материи, а обратно доколку се запали тогаш јасно е дека нема што да очекуваме освен тоа што земјата сака природно да го даде“, рече Перо Стојкоски, претседател на Асоцијацијата на земјоделци на Македонија.
И експертите велат дека со палењето се прави повеќе кратна штета врз почвата и се уништуваат сите корисни микроорганизми.
„Самите остатоци во себе содржат одредени хранливи материи кои со нивното разложување би биле добра храна и подлога за наредната култура. Жетвените остатоци се посебно богати со калиум, така што после житните култури кај нас се сади тутунот, тој е култура која сака калиум, така што за идната година таа култура ќе има висок квалитет“, изјави Горанчо Томески, советник за земјоделство и рурален развој при Агенција за поттикнување на земјоделскиот развој.
Од Државниот земјоделски инспекторат велат дека годинава имало 400 надзори, 12 прекршочни пријави и биле изречени 8 платни налози, а во 3 случаи имало и кривични пријави од страна на МВР. За да се спречат ваквите негативни појави се разгледувало воведување законски решенија кои се практикуваат во европските држави. Од Инспекторатот бараат државата да ги зголеми и казните.
„Казните се многу мали, околу 200 евра ако нема некоја поголема штета, ако има поголеми последици тогаш од страна на МВР следува и соодветна кривична пријава. Исто така се размислува сериозно и за измена на законските прописи, во некои држави од ЕУ, особено тие во регионов, во случај да биде фатен сторителот на палењето на стрништето му се одзема правото на субвенции и тоа дава резултати“, потенцираше Зоран Шапуриќ, директор на Државниот земјоделски инспекторат.
Инаку Рурална Коалиција во моментов го имплементра проектот „Стоп за палењето на стрништата“ чија цел е да се зајакне свеста кај земјоделците да престанат со оваа пракса. Според одрени сознанија годишно во Македонија горат од 11 до 15.000 хектари, а причина за голем дел од тие пожари е токму палењето на стрништата. Во рамки на проектот е направено едно истражување во кое се опфатени 150 земјоделци, за тоа што тие мислат за палењето на стрништата и за штетните последици околу тоа. Резултатите од истражувањето се навистина поразителни.
„Најголемиот дел од земјоделците дури 72% сметаат дека палењето на стрништата ниту е штетно, ниту пак е причина за предизвикување на пожарите, што за нас беше загрижувачки како факт. Со оглед на тоа што и ова лето имавме можност, но изминатите периодии да го гледаме. А исто така најголемиот дел од земјоделците или 58% и воопшто немале можност за псоета на било каква едукација или обука за која што е насочена кон правилно третирање на земјоделскиот отпад“, истакна Лилјана Јоноски, извршна директорка на Рурална Коалиција.
За 5 години Македонија пожарите ја чинат 35 милиони евра. Токму затоа од Рурална Коалиција апелираат до земјоделците да престане оваа штетна пракса, но апелираат и за поголема активност на институциите на терен. Велат дека и понатаму ќе продолжат со едукативни програми за зголемување на свеста од штетноста од палењето на стрништата.