Македонскиот јазик своите корени ги има со векови наназад. Свети Кирил и Методиј основата за старословенскиот јазик ја зеле од говорот на македонските словени кои живееле во околината на Солун. Најраните глаголски ракописи на старо словенските текстови пишувани во 11, 12, 13 век се со македонска редакција. Ова беше потенцирано на научниот собир во Прилеп – „Отворени денови на Институтот за македонски јазик“.
„Најстари пишани се збирката на стари ракописи која што ја пронашол полскиот доктор по медицински науки Рудолф Гутовски, доаѓајќи во Прилеп, од црквата Свети Димитрија во Варош зел 6 извонредно стари ракописи, меѓу кои спаѓаат и два ракописи од Трескавечкиот манастир, во кои спаѓа и Трескавечкиот Еукологиум или молитвеник. Таа збирка се наоѓа во библиотеката во Краков, во Полска, и таа е најскапоцената и најраритетна во Европа на стари словенски ракописи и замислете сите се со македонска редакција. Тие се од крајот на 13, 14 и 16 век“, истакна д-р Виолета Крстеска, одделението за науката за јазикот при Институтот за старо словенска култура во Прилеп.
Научните работници потенцираат дека ние пред никого не треба да се докажуваме за нашиот јазик, бидејќи тој е неприкосновен, а за што говорот и историските факти.
Без никакви двоумења може да се каже дека на овие простори постоела стара писмена традиција која што не може да ја одмини никој, која што не може да ја негира никој, тоа се докажува преку пронајдените писмени споменици, кои ги работеле и надворешни учесници, нема тука субјективизам, чисто со научни факти“, додаде Крстеска.
Како поткрепа на сето ова е и тоа што се уште денес македонскиот јазик претставува предмет на истражување на голем број светски слависти и лингвисти.
„Со тоа имате ли поголема потврда? Значи еве конкретно вчера заврши 6-тата меѓународна конференција која што ја организира Институтот за Македонски јазик каде како и секоја година имавме голем број учесници од славистичките и другите Европски центри. И сето тоа зборува дека македонскиот јазик се уште се истражува, значи не се потврдува туку се истражува“, изјави проф. Лидија Тантуровска, Институт за македонски јазик.
Овој настан беше дел од одбележувањето на 100 годишнината од раѓањето на кодификаторот на современиот македонски јазик Блаже Конески.