Осигурителните компании платиле 10,2 милиони евра провизии за продажбата на своите посредници

Facebook
Twitter
Email
Print


Користејќи ги услугите на посредниците во осигурување (осигурителни брокерски друштва, друштва за застапување и на застапници во осигурување) осигуреници во полиси за неживотно осигурување вложиле 42 милиони евра во првите шест месеци годинава.

Осигуреници вложиле 5 милијарди денари (81,2 мил.евра) во осигурување за половина година. Од тоа 2,59 милијарди денари ( 42 мил.евра) се вложени во полиси директно купени од осигурителните друштва и уште 2,41 милијарди денари (39,2 мил.евра) преку посредници во осигурувањето. Во овој период преку посредници во осигурување се склучени над 370.000 договори за осигурување, покажуваат податоците на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) за периодот јануари – јуни годинава за неживотно осигурување.

Во структурата на посредничка продажба на осигурителни продукти најголемо учество имаат осигурително-брокерските друштва. Тие согласно законската регулатива работат во корист на осигурениците односно ги снимаат ризиците и врз основа на тоа да ги дизајнираат полисите, а воедно во случај на штети ги застапуваат нивните интереси пред осигурителните компании.

За шест месеци преку овие друштва осигуреници (физички и правни лица) вложиле 1,5 милијарди денари (24,4 мил.евра) во различни осигурителни производи. Од тоа најголеми се вложувањата во полиси за законски задолжителната автомобилска одговорност. Тие изнесуваат 1 милијарда денари (16,3 мил.евра). Во осигурување имот вложиле уште 735,6 милиони денари (12 мил.евра). За своите услуги 40 осигурителните брокерски друштва наплатиле 398,6 милиони денари (6,48 мил.евра) провизија од осигурителните компании.

Друштвата за застапување во осигурување (компании кои можат да нудат полиси и од повеќе осигурителни компании само доколку тие осигурителни продукти не си конкурираат меѓусебно) за првите шест месеци продале полиси во вкупна вредност од 252 милиони денари (4,1 мил.евра). За своите услуги од осигурителните друштва наплатиле провизии во вкупна вредност од 68,5 милиони денари (1,1 мил.евра). На осигурителниот пазар работат 12 компании лиценцирани за застапување во осигурување.

Повеќе од 1.300 физички лица – лиценцирани застапници во осигурувањето во првата половина од годинава продале полиси во вредност од 534,8 милиони денари (8,7 мил.евра). Застапниците за таа услуга како провизија наплатиле 126,89 милиони денари (2,06 мил.евра) од осигурителните компании чии полиси продавале. Во овој период во нивната понуда доминира продажбата на задолжителните полиси за автомобилска одговорност со износ од 402 милиони денари (6,5 мил.евра) односно 75 отсто од целата продажба на полиси преку овој канал за продажба.

Банките се јавуваат како посредници во продажбата на осигурителни продукти на нивни клиенти – кредитобаратели. Во првата половина на годинава банките продале осигурителни полиси во вредност од 100 милиони денари (1,63 мил.евра). Во таа продажба најголемо учество имаат полиси за осигурување имот кои се поврзани со станбените кредити и тие изнесуваат 60 милиони денари (1 мил.евра). Банките од друштвата за неживотно осигурување за првата половина од годинава наплатиле провизии во вкупен износ од 29 милиони денари (471.000 евра).

Како посредници во купопродажба на осигурителни продукти на пазарот учествуваат и салоните за автомобили и туристичките агенции. Преку салоните за продажба автомобили во овој период се продадени полиси за осигурување во вредност од 6 милиони денари (98.000 евра), а преку туристичките агенции продажбата за овој период изнесува 3,5 милиони денари (57.000 евра).

Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните друштва, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација на населението.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи