ВИДЕО – За прв пат во Македонија пронајдена агора на антички град, уникатна мерна маса и фасцинантна биста на жена


Голем број ексклузивни наоди во годинешните археолошки истражувања кај Стибера. За прв пат на некој антички локалитет во Македонија е пронајдена агората, односно просторот каде се вршела трговија, но и простор кој служел како плоштад. На тој простор се пронајдени и две мермерни мерни маси кои служеле за мерење на производите кои се продавале, една за цврсти предмети, а друга за течни продукти како вино, млеко и друго. Ваква импресивна мерна маса, со оваа големина и толку зачувана е пронајдена само во Помпеја, Италија.

„Оваа мерна маса има 8 издлабени реципиенти со различни димензии и различни длабочини. Едниот е за 10 литри, другиот за 5, па за 3, 2, 1 литар, имаме мерна единица за 700 милилитри, 350 и за 100 милилитри, така да оние луѓе што доаѓале тука да продаваат, односно купуваат течни прехрамбени намирници како што е виното, млекото, ќе сипат во оној реципиент кој им треба количински и после оној верификаторот, агораномот правел потврда дека навистина толку е тој течен продукт. Кога ќе се потврдела таа течна количина од млекото или виното, се испуштала течноста тргајќи го чепот“, изјави Душко Темелкоски, раководител на истражувањата кај Стибера.

Исто така во близина на овие мерни маси е откриен е и жртвеник, кој според натписот на него е посветен на богот Хермес, кој бил заштитник на трговците. Најексклузивниот можеби наод е мермерната биста на жена за која се претпоставува дека припаѓала на Фаустина, жената на римскиот император Антониј Пиј кој владеел во средината на 2 век од нашата ера. Тоа е време на најголемиот процут на Стибера.

„Неговата жена Фаустина починала релативно млада, на 40 години, во 140-та година. Како што спомнав претходно на онаа мерна маса за течности стои годината 142 година, кога оној агораном ја донира таа мерна маса. Така да кога ќе направам споредба, тука е некаде годината, 140-та кога починува Фаустина, сопругата на императорот Антониј Пиј, кога агората е од прилика обновувана. Кога починала Фаустина, нејзиниот сопруг императорот Анотниј Пиј ја прогласува за дива, а за дива во Римската империја, во античкиот свет се прогласува жена откако ќе почине и е во ранг на божество“, додаде Темелкоски.

Археолозите се надеваат дека идната година државата ќе оддели средства за поголема промоција на Стибера и конзервација на овој дел локалитетот како што е агората.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи