Министерството за образование и наука (МОН) ги објави резултатите од конкурсот за доделување студентски стипендии за академската 2021/2022 година.
Резултатите можат да се најдат на веб-страницата на МОН.
Од годинава стипендиите за студентите се покачени. Износот на стипендиите од прва и втора категорија сега изнесува 6.050 денари, додека стипендиите за студентите на природни науки – хемија, физика и математика, изнесуваат 18.000 денари во текот на девет месеци.
Како што соопштуваат од МОН, студентите кои се стекнале со правото на користење стипендија треба да испечатат и пополнат три примероци од договорот за соодветната стипендија и заедно со копија од лична трансакциска сметка, најдоцна до вторник, 30.11.2021 година, да ги достават до Министерството за образование и наука (директно во писарницата на МОН или по пошта – препорачана пратка со повратница на адреса бул. „Св. Кирил и Методиј“ бр. 54, 1000 Скопје).
Добитниците на стипендија кои нема да достават договор во предвидениот рок ќе се смета дека се откажуваат од правото на користење стипендија.
Одбиените кандидати пак, ќе имаат можност за приговор во соодветен рок, откако на адресата која ја имаат посочено при аплицирањето ќе добијат решение од МОН во кое ќе биде наведена причината поради која апликацијата не е прифатена.
Сите незадоволни кандидати може да достават приговор на studentski.stipendii@mon.gov.mk.