Прогресивниот синдикат за образование (ПСО), член на Сојузот на синдикатите на Македонија, бара од Министерството за образование и наука да дозволи наставниците на наставнички совети да може да одлучат дали наставата да ја организираат со физичко присуство или онлајн во периодот од 1 декември 2021 до 31 март 2022 година.
„Во сезоната на грипови, влошување на состојбите со пандемијата од Ковид 19, енергетската криза во државава, се залагаме и бараме од МОН да дозволи наставниците на наставнички совети да можат да одлучат дали наставата да ја држат со физичко присуство или преку интернет, во периодот од 1 ви декември 2021 се до 31 март 2022 година.
Доколку состојбите со пандемијата се подобрат учениците би можеле во последното тримесечие да се вратат во училишните клупи и со успех да ја завршат учебната 2021/22 година“, се вели во објавата до медиумите испратена од Влатко Секулоски, претседател на Прогресивниот синдикат на образование.