Против најновите мерки што ги предлага Комисијата за заразни болести реагира и Сојузот на синдикати на Македонија. Оттаму наведуваат дека вакцинацијата мора да биде резултат на лична определба на работниците и не смее да се спроведува со присила.
„Процесот на имунизација не смее да се спроведува на штета на елементарните права на граѓаните гарантирани со Уставот, меѓународните конвенции и закони и против војата на поединецот“, стои во реакцијата на ССМ.
Синдикатот информира дека во изминатиот период до него пристигнале обраќања од работници кои не се вакцинирани во кои укажуваат дека не им е дозволено да влезат на работа без сертификат за вакцинација или негативен тест направен на нивни трошок. Поради ова, од ССМ се обратиле до Државниот инспекторат за труд од каде добиле одговор дека ваквите однесувања на работодавачите се незаконски.