Вечерва во ликовната галерија во Домот за култура Марко Цепенков во Прилеп беше отворена изложбата „Suzanne“ од уметницата Ивана Мојсовска, на која беа изложении 2 слики и 5 фотографии.
Ивана Мојсовска е млад, современ автор од Скопје, кој ги истражува емотивните состојби прикажувајќи ги преку своите експресивни и гестуални записи со кои таа постојано експериментира со нови сликарски медиуми.
Делата на Мојсовска кои вклучуваат слики, танцови перформанси, инсталции и фотографија говорат за нејзиниот диверзитет додека експресивноста како правец е задржана во целиот опус. „Сузан“ (Suzanne) е измислен карактер кој ни ги пренесува екстремните расположенија на една млада жена која се бори со сопствените емоции и пориви.
Изложбата е инспирирана од веќе реализираниот танцов перформанс во колаборација со кореографката Адријана Данчевска, која е и субјект на овие ела.
Во овој проект, карактерот на Сузан е повторно предмет на естетската материјализација каде преку фотографијата како медиум, ги доловува моментите на екстаза и кинестетичка емпатија.
„Сузан е измислен карактер кој ни ги пренесува екстремните расположенија на една млада жена која се бори со сопствените емоции и пориви. Во овој проект, карактерот на Сузан е повторно предмет на естетската материјализација каде преку фотографијата како медиум, ги доловувам моментите на екстаза и кинестетичка емпатија. Во дел од фотографиите акцентот е ставен на централниот субјект, односно ја гледаме Сузан во нејзината трансцеденција, додека во останатите дела Сузан е ставена во улога на спектатор и симболично ни ја прикажува сврзаноста на делата со кинестетичката емпатија. Анализирајќи ги танцовите перформанси и фокусирајќи се на перформативноста како процес од кој произлегува некаква акција, се обидувам да го замрзнам тој жив и интензивен момент на одвивањето на самиот уметнички чин“, вели уметницата Мојсовска.
На отворањето на изложбата вечерва присуствуваше и градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески.