Права од социјална заштита согласно законот


Правата кои произлегуваат од социјална заштита се едни од есенцијалните права од кои зависи егзистенцијата на граѓаните во секојдневното општествено дејствување. Со оглед на фактот што живееме во тешки финансиски времиња и се соочуваме со криза од катастрофални размери, како економска така и здравствена, од особено значење се правата од социјална заштита со кои граѓаните би можеле да задоволат барем дел од своите основни потреби.

Согласно Уставот на Република Северна Македонија[1] граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување, а државата се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните, во согласност со начелото на социјална праведност. Воедно, им се гарантира правото на помош на немоќните и на неспособните за работа граѓани и се обезбедува посебна заштита на инвалидните лица.

Со Законот за социјална заштита[2] е утврдено дека дејноста на социјалната заштита се обезбедува преку остварување на права на парична помош од социјална заштита и обезбедување на социјални услуги и други мерки. Корисници на социјална заштита можат да бидат само државјани на РСМ кои имаат постојано живеалиште во РСМ и странците кои имаат регулиран престој во РСМ. Основни права на парична помош од социјална заштита обезбедени со закон се: правото на гарантирана минимална помош, надоместок заради попреченост, надоместок за помош и нега од друго лице, надоместок на плата за скратено работно време, додаток за домување, траен надоместок и еднократна парична помош. Овие права граѓаните можат да ги остваруваат во постапка и под услови определени со законот за социјална заштита.

Правото на гарантирана минимална помош може да го остварува домаќинство кое е материјално необезбедено и нема во сопственост имот и имотни права од кои може да се издржува.

Надоместокот заради попреченост се обезбедува за поттикнување на социјално вклучување и еднакви можности на лице кое е со тешка или длабока интелектуална попреченост, со најтешка телесна попреченост, потполно слепо лице и потполно глуво лице, при што истото се остварува врз основа на козилијарно мислење од првостепена комисија составена од тројца лекари специјалисти од соодветна терцијарна здравствена установа.

Првото на надоместок за помош и нега од друго лице има лице со навршени 26 години возраст со умерена, тешка или длабока интелектуална попреченост, лице со потешка и најтешка телесна попреченост, потполно слепо лице, како и лице со трајни промени во здравствената состојба на кое му е неопходна помош и нега од друго лице заради тоа што не може само да ги врши основните активности од секојдневниот живот доколку ова право не може да го оствари на други прописи.

Правото на надоместок на плата за скратено работно време поради нега на детето со попреченост и најтешки облици на хронични заболувања, утврдено со Законот за работните односи, родителот го остварува во Центарот за социјална заштита, без оглед на возраста на детето.

Правото на додаток за домување се обезбедува на материјално и станбено необезбедени лица, при што материјално необезбедено лице е корисник на гарантирана минимална помош и лице кое до 18 годишна возраст имало статус на дете без родители и родителска грижа, односно и по престанување на старателството, а најмногу до 26 годишна возраст.

Правото на траен надоместок се обезбедува за згрижувач кој згрижувал лице во своето семејство и родител кој се грижел за детето со попреченост. Право на траен надоместок за згрижувач има згрижувач кој згрижувал лице во своето семејство најмалку петнаесет години, по наполнување на 62 години на живот за жена, односно 64 години на живот за маж, кој е невработен и не користи право на пензија по која било основа.

Еднократната парична помош или помош во натура се доделува на лице или на семејство кое се нашло во состојба на социјален ризик, како и на лице и семејство заради претрпена природна непогода или епидемија и подолго лекување во здравствена установа на член на семејството.

Сите овие права се загарантирани со Уставот на РСМ, законските и подзаконските акти што треба да обезбеди нивна заштита и правилно спроведување, како од страна на институциите, така и од страна на граѓаните. За да се постигне правилна примена на овие права потребна е сеопфатна и комплетна соработка помеѓу граѓаните, институциите и граѓанските организации во насока на правилно остварување на правата, обезбедување на точни и целосни информации од страна на граѓаните, ефективна и ефикасна примена на законите од страна на институциите и давање на навремена и целосна поддршка од страна на граѓанските организации за граѓаните при комплетирање на документацијата и информирањето за нивните права. Сето ова може да се постигне само преку заедничко делување на трите страни, без да се иклучуваат една со друга во насока на остварување на интересите и потребите на граѓаните.

[1] Устав на Република Северна Македонија, Сл. Весник на РСМ, бр. 08-4642 од 17.11.1991 година

[2] Закон за социјалната заштита, Сл. Весник на РСМ, бр. 08-3029/1 од 21 мај 2019 година

Автор: СТАНИЦА П.Е.Т. Прилеп

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи