Јанески: Дали со промовирањето на цевководот „Пашоски ливади“ Јовчески нема ништо против реализација на проектите на СДСМ или истиот сакаше да си го присвои?


Вчера бевме сведоци како градоначалникот д.р Борче Јовчески заедно со директорот и поголем тим на ЈКП „Водовод и Kанализација – Прилеп“ беа на увид на изградбата на потисниот цевковод од каптажата на изворот „Пашоски ливади“ до собирна шахта. Од начинот на кој што овој увид над градежните работи беше презентиран во јавноста, се стекнува впечаток дека проектот го реализира новата локална самоуправа што апсолутно не е точно. Вели во своето соопштение поранешниот директор на ЈКП „Водовод и Канализација“, Емил Јанески.

„Во интерес на вистината морам да кажам дека веднаш после моето назначување за директор на ЈКП „Водовод и Канализација – Прилеп“, уште во декември 2017 година беше извршена ревизија на проектот „Реконструкција на цевковод со главен довод на вода од извориште во местото викано „Пашоски ливади“ до собирна шахта во КО Прилеп“.

Во мај 2018 година беше изработен елаборат за заштита на животна средина, а во текот на 2019 и 2020 година беше изработен елаборат за впишување во катастар на стариот потисен цевковод, како и елаборат за нумерички податоци. Откако се беше завршено, проектот беше доставен до општина Прилеп и општината аплицираше со овој проект до Владата на Македонија, за да бидат обезбедени средства од ТАВ програмата.

При официјално пуштање на реконструираниот булевар „Гоце Делчев“ премиерот Заев најави дека проектот е во целост одобрен и истиот ќе биде реализиран. Во 2021 година Секторот за урбанизам при општина Прилеп издаде одобрение за градба и започна реализацијата на проектот.Пред моето заминување од местото директор на ЈКП Водовод и канализација – Прилеп околу два километри од потисниот цевковод беа изградени.

Оттука се наметнува прашањето: Дали градоначалникот д.р Борче Јовчески со промовирањето на овој проект сакаше да наговести дека нема ништо против реализација на проектите на локалната власт на СДСМ на чело со градоначалникот др.Илија Јованоски, поддржани од Владата на СДСМ, што е за поздравување, или пак сакаше да го присвои овој проект што е апсолутна политичка некоректност?“, вели во соопштението Јанески.

Јанески во соопштението вели дека новата локална самоуправа време било да започне со осмислување на свои проекти, затоа што како што пишува, на лагата и биле кратки нозете.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи