Бугарско обвинителство: Жртвите од автобусот починале од задушување

Facebook
Twitter
Email
Print


Сите жртви во автобуската несреќа на автопатот „Струма“ починале како резултат на задушување во пожарот кој избувнал по сударот на автобусот со банкината, соопшти бугарското обвинителство.

„Аутопсиите покажуваат дека сите загинати починале од задушување, а не од ударот. Тоа значи дека биле живи во моментот на пожарот. Конечна проценка за причините за несреќата ќе треба да дадат финалните анализи, но водечка верзија во овој момент е човечка грешка – како причина за несреќата“, изјави на денешната прес-конференција бугарскиот заменик главен обвинител и директор на Националната истражна служба Борислав Сарафов.  

Истрагата досега утврдила дека се работи за човечка грешка која била дополнета и од „лошата сигнализација на патот и банкината“ кои не биле според стандардите.

Реконструкцијата на настанот која ја направи бугарскиот обвинител Борислав Сарафов покажува дека автобусот од, досега неутврдени причини, свртел кон десно и удрил директно во банкината. Се претпоставува дека лошата сигнализација на патот можеби го довела во заблуда возачот на автобусот. По ударот, од десната страна на автобусот останала заглавена банкината. Самото влечење на металната ограда под автобусот предизвикала големи искри кои предизвикале палење на нафтата и маслото во автобусот. Резервоарот за гориво на возилото се наоѓал токму од десната страна која директно удрила во заштитната ограда.

Огнот кој избувнал во предниот дел од автобусот не им дал шанса на патниците да побараат излез од предната врата, па сите поитале кон задната. Но таа била заглавена од оградата на патот.

Сарафов посочи дека продолжуваат испитувањата и анализите на автобусот, кои треба да дадат одговор за причините и начинот на избувнување на пожарот, како и за сообраќајната анализа за причините за кои автобусот ја напуштил патеката на движење.

Во автобусот, како што беше речено, имало само три туби со остатоци од нафта, што не може да биде причина за несреќата.

„Пронајдени се три туби. Трите труби не биле полни и не се запалени. Пожарот не избувнал од нив. Верзијата за терористички акт е професионално разгледана и земени се анализи од автобусот за постоење на терористички акт. Категорично ги отфрламе тие верзии. Не станува збор за терористички акт“, изјави Сарафов.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи