Водени од меѓународните документи со кои се врши регулација на семејното и родово базираното насилство, зголемениот број на судска пракса на Европскиот суд за човекови права во полето на насилството врз жените, препознавајќи ги нееднаквите односи на моќ помеѓу жените и мажите, изложеноста на жените и девојчињата на сериозни форми на насилство како што е домашното насилство, силување, сексуално вознемирување, присилен брак, и останати дејствија кои претставуваат сериозно кршење на човековите права, домашното насилство кое несразмерно ги погаѓа жените, но и фактот дека мажите исто така можат да бидат жртви на домашно насилство а децата се и жртви сведоци на насилство во семејството, државите членки на Советот на Европа и другите потписници, ја потпишаа Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство. Оваа конвенција беше потпишана на 11 мај 2011 година во градот Истанбул во Република Турција, поради што е позната како Истанбулска конвенција. Република Северна Македонија беше помеѓу првите кои ја потпишаа конвенцијата. Конвенцијата беше ратификувана од страна на Собранието на Република Северна Македонија на 22.12.2017 година, а стапи на сила на 01.07.2018 година. Конвенцијата содржи 12 поглавја и 82 членови.
Целите на оваа Конвенција се:
- заштита на жените од сите форми на насилство и спречување, гонење и елиминирање на насилството врз жените и домашното насилство;
- да придонесе во елиминирање на сите форми на дискриминација врз жените и да промовира суштинска еднаквост меѓу жените и мажите, вклучувајќи и преку зајакнување на жените;
- да создаде сеопфатна рамка, политики и мерки за заштита и помош на сите жртви на насилство врз жените и домашно насилство;
- да промовира меѓународна соработка во поглед на елиминирање на насилството врз жените и домашното насилство;
- да обезбеди поддршка и помош на организации и на органите за спроведување на законот за ефективна соработка со цел да усвојат интегриран пристап за елиминација на насилството врз жените и домашното насилство.
Кога станува збор за областите на примена на Конвенцијата, истата се однесува на сите форми на насилство врз жените, вклучувајќи и домашно насилство, со препорака страните потписнички истата да ја применуваат на сите жртви на домашно насилство со посебно внимание на жените жртви на родово засновано насилство. Истанбулската конвенција под домашно насилство ги препознава сите акти на физичко, сексуално, психичко и економско насилство што се случуваат во рамките на семејството или домаќинството односно помеѓу поранешни или сегашни сопружници или партнери, без оглед дали сторителот го дели или го делел истото живеалиште со жртвата или не. Конвенцијата им налага на Страните да ги преземаат сите потребни мерки за усвојување и спроведување на ефективни, сеопфатни и координирани мерки за спречување и борба против сите форми на насилство, вклучувајќи го и домашното насилство, кои се опфатени со Конвенцијата, потенцирајќи ја соработката помеѓу сите релевантни агенции, институции и организации. Кога станува збор за превенција, Истанбулската конвенција во главата под реден број три ја истакнува обврската на Страните да ги преземаат потребните мерки за промовирање промени во општествените и културните шаблони на однесување, преземање на сите потребни мерки за спречување на сите форми на насилство, поттикнување на сите членови на општеството активно да учествуваат во спречувањето на сите форми на насилство коишто се опфатени со Конвенцијата, како и превземање на сите потребни мерки за промовирање на програми и активности за јакнење на жените.
Во делот на материјалното право Истанбулската конвенцијата ги утврдува следните инкриминации: право на жртвите да побараат обештетување од сторителите на кривичното дело, безбедност на жртвата или децата при спроведувањето на секое право на посета или на старателство, ништовност на браковите склучени под присила и истите да се поништат или разведат без финансиско или административно оптоварување за жртвата. Психичкото насилство се инкриминира како намерно однесување со кое сериозно се нарушува психичкиот интегритет со употреба на присилба или закана, додека демнењето се инкриминира како повторено заканување што предизвикува лицето да се плаши за својата безбедност.Под сексуално насилство вклучувајќи и силување се инкриминира секое намерно однесување од сексуална природа без согласност на жртвата, вклучително и акти извршени врз поранешни или сегашни сопружници или партнери. Намерното присилување на возрасен или дете да стапат во присилен брак, женско генитално осакатување, присилен абортус и присилна стерилизација претставуваат предмет на кривична или друга законска санкција, како и сексуалното вознемирување изразено преку несакано вербално, невербално или физичко однесување од сексуална природа со цел повреда на достоинството на лицето, создавајќи заплашувачка, понижувачка или навредлива средина. Помагање или поттикнување и обид на претходно наброените кривични дела исто така подлежи на кривична санкција.
Државите потписнички се обрзани меѓусебно да соработуваат преку примена на одредбите на Конвенцијата, релевантни важечки меѓународни и регионални инструменти за соработка во граѓански и кривични предмети, како и договори постигнати врз основа внатрешни закони, заради: спречување, борба и гонење на сите форми на насилство опфатени со Конвенцијата; заштитување и обезбедување помош на жртвите; истраги или постаки во врска со кривичните дела утврдени во согласност со оваа Конвенција и извршување релевантни граѓански и кривични пресуди изречени од судските власти на Страните, вклучувајќи и мерки за заштита.
АВТОР: СТАНИЦА П.Е.Т. ПРИЛЕП