Единствен излез од енергетската криза за Македонија е сончевата енергија и наместо државата да субвенционира странски инвеститори или да влегува во јавно приватно партнерство за фотоволтаичните централи треба да ги субвенционира своите граѓани за поставување на вакви системи на покривите од куќите и да ја олесни законската процедура за ова. Ова е ставот на дел од експертите кои сметаат дека на ваков начин граѓаните ем ќе произведуваат струја за себе, за неа нема да даваат воопшто пари, а произведениот вишок пак ќе можат да го продаваат на слободниот пазар и дури и да заработат од тоа.
„А Македонија ја има најдобрата локација за изведба на овие системи. Жалосно е што ние масовно или стратешки да кажам не креираме услови за што помасовна изведба на овие системи, затоа што јас гарантирам дека Македонија ако се конципира на што поголемо производство на енергија од сонцето ќе биде Саудиска Арабија на Балаканот во однос на производство на електрична енергија“, рече Зоран Митрески, експерт за енергетика.
Митрески вели дека уште не му јасно и тоа зошто на граѓаните не им се дозволи на своите покриви да инсталираат системи со поголема моќност од 4KW, а во сите околу држави тоа е околу 50 KW. Исто така бара и за правните лица да биде олеснета бирократската процедура за да добијат дозвола за производители на струја. Токму поради ова произведениот вишок на енергија граѓаните сега го чувале во батерии, што воопшто не било решение.
„Околните земји ги следат европските закони каде веќе им е дозволено да инсталираат до 50 KW како физичко лице. А ние сме ограничени на 4 KW. За која тактика зборуваме за излез од енергетската криза? Нема вака излез? Еве имаме проблем со енергијата. А илјадници луѓе се заинтересирани на своите покриви да инсталираат вакви системи, но поради лавиринтот од законските, бирократски, проблеми никој не сака да инсталира со размена на енергија и затоа луѓето си прават со систем на батерии, што не го решава енергетскиот проблем кај нас. Најверојатно се работи тука за некои моќници на кои не им одговара ова затоа што енергетиката е еден од најважните бизниси во светот, како фармацијата, воената индрустрија и други“, додава Митрески .
Експертите сметаат дека без ваква соодветна стратегија Македонија секогаш ќе остане енертски зависна држава, за енергија која ќе ја плаќа по екстремно високи цени.