Морам да кажам дека добив пораки на згрозување од страна на граѓани кои што со неверување ја проследија најпрво најавата од официјални лица во Владата за ова што денес се случуваше, небаре станува збор за некаков спектакл. Навистина сум разочаран од тоа што и покрај тоа што велеа дека ја научиле поуката и дека ја примиле пораката од граѓаните, тие сепак остануваат длабоко заглавени во нивната политичка матрица и во нивната политичка кал и мојот совет е што побрзо излезат од таму тоа подобро ќе биде и за Македонија и за граѓаните на Македонија без разлика на етничката припадност. Ова денека во Прилеп го изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, околу пречекувањето на телата на загинатите граѓани во несреќата во Бугарија.
„Вистинското прашање е како дозволивме како општество, како институции, како држава и покрај тоа што ни се случи во тетовската болница и 14 луѓе што живи гореа, да се случи овој немил настан и 45 луѓе трагично да го загубат својот живот само затоа што трулиот систем не функционира. И овој автобус претходно како сме дозволиле како институции 140 пати да ја помине границата без исправни документи. И како се уште некој толерира или дозволува да нема барем морална одговорност за сето ова што се случува. Тоа е жално и затоа се потребни промени, затоа се потребни нови луѓе, луѓе кои ќе излезат од овој срам во кој што ја втурнаа Македонија и затоа се потребни луѓе кои што ќе го напуштат принципот на неказнивост, туку напротив ќе го засилат тој принцип онаму каде што е потребно. Јас навистина уште еднаш ќе кажам сум разочаран со пристапот и со леснотијата со кој овој жален настан, каде наши 45 сограѓани трагично го загубија својот живот му даваат димензија како што не треба да му даваат и навистина жалам што се уште тие луѓе се таму каде што сега одлучуваат за некои политики во Владата и институциите, наместо веднаш да поднесат одговорност и да заминат од политичката сцена“, вели Мицкоски.