Мултииндикаторското кластерско истражување (МИКС) на Државниот завод за статистика, спроведено во текот на 2018-2019 година, како дел од Глобалната програма за состојбата на децата и жените покажува дека вкупно 73 % од децата на возраст од 1 до 14 години биле подложени на некој насилен метод на дисциплинирање.
Според податоците од истражувањето, момчињата почесто доживуваат насилно дисциплинирање од девојчињата, додека 4 % од мајките/старателите сметаат дека физичкото казнување е неопходно за правилно воспитување и образование на детето. Овој став е позастапен кај помладите мајки и старатели, како и кај оние од најсиромашниот квинтил.
Според методологијата на истражувањето:
Физичко казнување е: тресење, удирање или плескање по дланка/рака/нога, удирање по задникот или друг дел од телото со тврд предмет, плескање или удирање по задникот со гола рака, удирање или плескање по лицето, главата или ушите, и удирање или тепање силно и постојано.
Тешки форми на казнување се: удари или шлаканици по лицето, главата или ушите, тепање, односно повеќе повторени удари со цела сила.
Психолошка агресија е: повишување тон, викање или врескање кон детето, како и нарекување на детето со навредливи имиња како „глупаво“ или „мрзеливо“.
Глобалната програма МИКС е развиена од страна на УНИЦЕФ во 90-тите години како меѓународна повеќенаменска програма за анкетирање на домаќинствата за поддршка на земјите во прибирањето на меѓународно споредливи податоци за широк спектар на индикатори за состојбата на децата и жените.