Двајца лекари во Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД пријавиле сомнеж дека нивни пациенти починале после вакцинација против ковид во земјава, потврди раководителката во МАЛМЕД Меријем Хаџихамза на брифинг со новинарите. И двете пријави се доставени во различен временски период.
Станува збор за случајот на 53-годишен пациент кој примил вакцина на „Фајзер“, пријавен во април и 85-годишник имунизиран со „Астра зенека“ во септември.
Ова засега се само сомневања кои допрва треба да се утврдуваат преку синџир на анализи кои треба „под лупа“ да го стават и медицинскиот профил на пациентот, од што боледувал и какви лекарства земал, како што истакна раководителката во Агенцијата за лекови Мерјем Хаџихамза, која заедно со првиот човек на МАЛМЕД, Љирим Шабани, оствари онлајн средба со новинарите.
Кај секој лек и вакцина постои ризик од несакана последица, а надлежните нагласуваат дека вакцините против ковид-19 спасуваат животи со тоа што го намалуваат ризикот за хоспитализаиција и смрт. Од вкупниот број на починати од ковид-19 во последните четири месеци, околу 80 отсто не биле вакцинирани, според анализите на Министерството за здравство.