Што е родово базирано насилство?


Насилство врз жената е најраспространетиот вид на родово базирано насилство, односно прекршување на човековите права, јавно здравствен проблем и бариера во постигнувањето на еднаквост, развој, сигурност и мир.  Терминот „насилство врз жената“ и „насилство базирано  на род“ се користи со цел  упатување на низа  злоупотреби насочени против жената кои произлегуваат од родовата нееднаквост и подредената положба на  жената во однос на мажот во општеството. Во 1993 година, Декларацијата на Обединетите нации за отстранување на насилството врз жената го дефинира насилството врз жената како: „било кој акт на родово базирано насилство кој резултира или ќе резултира во физичка, сексуална, или психичка злоупотреба или страдањето на жената, вклучувајќи ги и заканите за такви дела, употреба на сила или кој било друг начин на лишување на слободата, во јавниот или во приватниот живот на жената“.

Оваа дефиниција вклучува насилство кое се случува во семејство, во рамките на општеството, и насилство од државата. Формите на   насилство базирано на род, вклучуваат но не се ограничени на семејно насилство, сексуалната злоупотреба, силувањето, сексуалното вознемирување, трговијата со жени, присилната проституција, и штетните традиционални практики. Покрај тоа, повеќекратните карактеристики  на родовиот идентитет кај жените,  базирани  на факторите како што се, класа, раса, етничката припадност, религија, сексуална ориентација доведуваат до зголемување на нивната потчинетост, како и ранливост на насилство. Се проценува дека една од три жени насекаде во светот страда од насилство врз база на род во нејзиниот живот.

Насилството врз жената, вклучувајќи го и семејното насилство, е една од најсериозните форми на прекршување на човековите права базирани на род. Тоа ја лишува жената од способноста да ги ужива основните слободи и права. Поради нејзиниот пол жената е подложна на физичка, сексуална и/или психичка злоупотреба во семејството или домашната средина, со што насилството врз жената претставува сериозна тешкотија за еднаквоста меѓу жената и мажот.

Податоците за општата распространетост на насилството врз жената покажуваат дека една петтина до една четвртина од сите жени имаат искуство од физичко насилство најмалку еднаш во периодот на полнолетноста, и повеќе од една десеттина имаат настрадано од сексуално насилство со употреба на сила.

Последниве години се повеќе во пораст е и насилството врз мажите. Најголем дел се случаи на физичко насилство, помал дел на психичко насилство, а многу мал процент на сексуално насилство.

Центар за граѓанска иницијатива – Прилеп дваесетина години работи на обезбедување на правна помош на жртви од родово насилство од една страна и на активности посветени на превенција од овој вид на насилство.

Автор: Центар за граѓанска иницијатива Прилеп.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи