ВИДЕО – Се поставија кутиите за донации во црквите во Прилеп – ајде сите да донираме што е можно повеќе


Во 4-те православни храмови во Прилеп „Св. Петка“, „Св. Кирил и Методиј“, „Св. Преображение“ и „Св. Благовештение“ по 13 пат се спроведува хуманитарната акција за големиот христијански празник Божик, која ја организира неформалната хуманитарна организација Св. Никодим Тисмански и Прилепски. На средината од овие цркви се поставени добро познатите црвени кутии граѓаните можат да донираат средства. Кутиите во црквите ќе останат до 28 декември. Со собраните средства се купуваат прехранбени производи и хемиски средства кои им се даваат на социјално загрозени семејства. Граѓаните исто тоа може и тие освен пари да донираат намирници.

„Значи обично собраните средства се финансиски средства за оваа акција, но исто така имаме и голем број донации во намирници во храна. Сега би упатил апел до тие што сакаат да донираат храна и други вакви намирници да бидат тие нерасипливи, бидејќи голем дел од луѓето на кои им ја носиме таа храна и пакети немаат истата ниту каде да ја чуваат, немааат фрижидери, а за жал некои немаат ниту струја. Значи со паричните средства и донациите во храна се прават пакети, за сите подеднако, околу 130 или 140 во зависност од донациите кои ќе се соберат. 80% од нив се даваат во градот, а 20% по селските парохии во прилепската општина“, вели Драган Џокоски, хуманитарна организација Св. Никодим Тисмански и Прилепски.

Во акцијата учествува и МПЦ како и бизнис секторот во Прилеп. Списокот на оние на кои се даваат овие пакети со храна и други намирници се прави заедно со свештениците кои најдобро знаат на кои семејства во нивната парохија им е потребна ваква помош.

„Покрај овие парични средства кои ние самите ги одделуваме во кутиите учествуваме и со црковни свеќи, кои на денот на Свети Никола се продаваат кај Параклисот во центарот на градот и тие собрани средства од продадените свеќи одат во хуманитарната акција. Бизнис секторот секогаш не поддржува. Оваа акција ја правиме во организација на црквата, но за Велигден ги активираме и сите тие фирми од бизнис секторот, поединци кои сакаат да помогнат, но секако и во оваа акција тие не поддржуваат“, додаде Џокоски.

Вакви акции се организираат во Прилеп за Божик и Велигден, но неформалната хуманитарна организација Св. Никодим Тисмански и Прилепски функцонира и преку целата година.

„Во нашата црква, со благослов на Владиката Петар, имаме поставено една кутија која преку целата година собира такви средства. Нормално со тие средства, овие последни години, пробуваме да помогнеме на многу семејства кои имаат потреба од финансии, за болни, за операции и слично… Но многу пати правиме и нови пакети за семејства кои се појавиле инцидентно или не ни се на напиот список, во секој случај ние како организација функционираме преку целата година“, истакна Џокоски.

Организаторите упатувата апел да се соберат што е можно повеќе средства за да може со акцијата да бидат покриени што е можно повеќе семејстава на кои им треба ваква помош.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи