Се наврши еден месец од автобуската несреќа во Бугарија, а бугарските истражни служби најавија дека резултатите од вештачењата – судско-медицинското, техничкото и пожарно-техничкото би можело да бидат готови до 25 декември.
Според шефот на бугарската Национална истражна служба Борислав Сарафов, податоците покажувале дека брзината на автобусот најверојатно била несоодветна со условите на патот.
„Брзината на автобусот била прилично несоодветна со условите на патот. Мислам дека возел над 90 километри на час. Барањата на еден професионален возач на автобус се повисоки отколку за кој било друг возач“, рече Сарафов.
Тој нагласи и дека нема причинско-последична врска меѓу несреќата, патната сигнализација и ознаките, појаснувајќи дека тие можеби придонеле за неа, но возачот морал да биде повнимателен и да вози со соодветна брзина.
Во автобуската несреќа на автопатот „Струма” во Бугарија што се случи на 23 ноември загинаа 45 лица, од кои 12 деца, а 7 беа повредени.