Денеска ја имам чест да ве информирам вас и граѓаните дека на 17 јануари ќе пристигне новиот магнетен апарат, магнетната резонанца, изјави на денешната прес конференција директорката на Општата градска болница „Борка Талески“ во Прилеп.
Прес конференцијата ја пренесуваме во целост.
„Неминовно е да ја споменеме пандемијата којашто ја одбележа и оваа година затоа што нашиот град во пролетниот бран беше опфатен со големи бројки на заразени и заболени граѓани, пациенти коишто побараа хоспитализација во нашата болница.
Во тој период, ја имавме модуларната болница којашто сега ве информирам дека од пред неколку денови ја затворивме за да бидеме ефективни, ефикасни и практични заради тоа што во модуларната болница имавме поставени клима уреди за затоплување, а инфективното одделение беше празно и пациентите ги преместивме таму, во инфективното одделение коешто е поврзано со централното греење на болницата. Со тоа и кадарот којшто беше во модуларната сега е на располагање на инфективното одделение. Модуларната болница ја исполни својата улога и задача во нашиот град и во модуларната болница од вкупно 10700 позитивни пациенти во текот на оваа пандемија коишто беа регистрирани во нашиот град, 285 пациенти се лекуваа во модуларната болница.
Околу инфективното одделение да напоменам дека имавме мала реконструкција за да може да биде оспособено инфективното одделение за едни вакви пандемиски услови, со тоа што отворивме нов влез и излез и имаме точно назначено, односно обележано како на пациенти, така и на персонал, значи имаме зелена и црвена зона и во овие услови инфективното одделение нема да биди едно несредено или да не речам,ново жариште како што беше во претходниот, пролетниот бран.
Околу пандемијата мислам дека направивме многу, но не треба да заборавивме дека се посветивме и на пациентите со друга патологија, и сакам да напоменам дека вложувавме многу, како во техничка опременост, така и во кадровска опременост. Кога зборуваме за техничката опременост, набавивме ново ЕКГ за интерното одделение, нов ехо гинеколошки апарат за гинекологија, во тек е набавката на дигестор за патологија и добивме од министерството за здравство еден мобилен рентген апарат за пациентите со коронавирусот коишто треба да бидат снимени во инфективното одделение, за да не влегуваат во болницата кадешто се снимаат пациенти со друга патологија.
Во текот на оваа година, се спроведоја и одредени нови методи, отстранување на слепо црево на лапараскоп со камера. Во тек е активирање на апаратот за стрес тест, и се овозможува методата холтер преку интерното одделение. Докторката којашто се врати од субспецијализација веќе ја применува оваа метода.
Можам да кажам дека сме горди на кадарот којшто несебично се вложи, не само во пандемијата, лекување на пациенти со коронавирус, туку и во лекување на другите пациенти, и токму затоа од вкупно 34 специјализации коишто ни ги одобрија, испративме 27 општи доктори на специјализација и 3 доктори на субспецијализација.
Денеска ја имам чест да ве информирам вас и граѓаните дека на 17 јануари ќе пристигне новиот магнетен апарат, магнетната резонанца. За таа цел, се приспособуваат долу просториите, во тек е поставување на т.н. Фарадеев кафез, поставување на рекуператори, на чилери, крима уреди, опремување на просторот за да може на 17 јануари да биде комплетно опремен просторот и да се донеси новиот магнетен апарат. Кадрите коишто ќе работат веќе беа на обука и следуваат уште други две обуки за да можеме да го ставиме во употреба на располагање на пациентите преку МојТермин којшто ќе биде закажуван преку специјалистите во нашата болница“, рече Смилеска.