Утврдена вознемирувачка содржина во учебник по социологија за трета година

Facebook
Twitter
Email
Print


По поднесена претставка од страна на Коалиција МАРГИНИ, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) утврди продолжено и повеќекратно вознемирување врз основа на род, сексуална ориентација, родов идентитет, социјално потекло и припадност на маргинализирана група во учебникот Социологија за трета година реформирано гимназиско образование.

Учебникот е напишан од вторите Кеснофон Угриновски и Трајан Крстевски, рецензентите Илија Ацевски, Момир Стаменковиќ и Зоран Петрушевски.

Со оглед на тоа дека вознемирувањето е сторено по повеќе основи и учебникот е во употреба повеќе години, Комисијата утврди продолжено и повеќекратно вознемирување што е потежок облик на дискриминација.

Така, на пример, во учебникот се зборува за самохраните мајки како за кориснички на социјална помош, како за беспомошни родители и зависни од мажите и како за неспособни да се грижат за децата без помош од државата. За жените воопшто се зборува стереотипно и тие се опишани како „послаб пол“. Од друга страна, никаде во содржината не се зборува за самохрани татковци, што ја негира улогата на мажите во грижата на децата и се вели дека „постоењето на многу семејства без татко“ е причината која влијае на одлуката дали да се има или да се нема деца. Понатаму, учебникот ја афирмира и машката супермација бидејќи во него нема ниту една слика на која е претставена единствено жена, а низ содржината се споменати 119 мажи, наспроти 5 жени. Со овој избор на реферирање на исклучиво мажи чии теории се пренесуваат во учебникот се негира учеството и улогата на жените во општествените науки, што претставува вознемирување врз основа на пол и род.

Во учебникот во поглавјето посветено на сиромаштијата се изнесуваат застарени и одамна отфрлени теории за сиромаштијата, кои ги дехуманизираат сиромашните луѓе, генерираат омраза, предрасуди и неразбирање на нивните социјални проблеми. Учебникот го афирмира ставот дека „сиромаштијата е избор и претставува култура на живеење, а дека сиромашните се самите криви за состојбата во која се наоѓаат“. Тука сиромаштијата се асоцира со „слободни врски или диви бракови, напуштање на децата и жените“, „нагласена ориентација кон сегашноста која изродува со неподготвеност да се одложат задоволствата, чувството на незаинтересираност и фатализам“ како и низа други особини кои за авторите се негативни. Авторите тука ја прикажуваат сиромаштијата како нужност поради распределба на работни позиции, па според нив функцијата на сиромаштија е да обезбеди некој да ги работи „најнечесните и најопасните работи“.

Во учебникот сексуалната работа е изедначена со криминал, а сексуалните работници се ословени како „проститутки. Ваквото нивно претставување е вознемирувачко и ги афирмира стереотипите за сексуалните работници како криминалци, неморални и општествено непожелни, што претставува вознемирување врз основа на припадност на маргинализирана група и социјално потекло.

„Во учебникот се истакнуваат повеќе неточни тврдења кои ги афирмираат стереотипите за трансродовоста и претставуваат вознемирување врз основа на родов идентитет. Генералниот впечаток е дека учебникот перпетуира хомофобија и трансфобија, а учениците од него се стекнуваат со погрешни информации за ЛГБТИ луѓето. За ЛГБТИ учениците овие содржини се вознемирувачки и предизвикуваат повреда на нивното достоинство, непристапност до современо образование, намалена самопочит и нееднакви услови за успех и развој. Кај останатите ученици, овие содржини може да доведат до стекнување или зацврстување на хомофобичните и трансфобичните ставови, кои имаат потенцијал да резултираат со врсничко насилство мотивирано од омраза“ , се вели во мислењето на КСЗД.

Конечно, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација препорача:

(1) МОН најдоцна во рок од 6 месеци да го повлече од употреба учебникот и во иднина да не одобрува употреба на учебници чија содржина врши вознемирување врз основа на род, сексуална ориентација, родов идентитет, социјално потекло, припадност на маргинализирана група или која било друга дискриминаторска основа од ЗСЗД и ратификуваните меѓународни договори;

(2) авторите најдоцна во рок од 6 месеци да извршат ревизија на спорните делови од учебникот на начин што ќе ги отстранат содржините со кои се врши вознемирување врз секоја од погоре наведените основи; и

(3) рецензентите во иднина да не одобруваат употреба на учебници, чијашто содржина врши вознемирување врз дадените основи согласно ЗСЗД и ратификуваните меѓународни договори;

Освен ова, КСЗД останува да го следи извршувањето на препораките и на Мислењето сè до нивно исполнување. Доколку субјектите не постапат по Мислењето, Комисијата има законска надлежност да поднесе Барање за покренување на прекршочна постапка пред надлежниот суд за прекршоци, согласно Член 27, став 4 од ЗСЗД.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи