Зборот „писменост“ секогаш го поврзуваме со способноста за читање и за пишување. Читачката и медиумската писменост имаат многу заеднички работи. Читањето започува со способноста да ги препознаваме буквите. Подоцна, преку читањето ги препознаваме и зборовите и што е најважно, почнуваме да ги разбираме тие зборови. Читателите подоцна стануваат пишувачи. Со зголемување на искуството, читателите и пишувачите развиваат силни вештини за описменување.
Медиумската писменост претставува способност да се идентификуваат различните типови на медиуми и да се разберат пораките кои се испраќаат преку тие медиуми. Младите добиваат голем број на информации од различни извори, кои се многу подалеку од традиционалните медиуми како што се телевизијата, радиото, весниците и списанијата. Ги добиваат информациите преку текстуални пораки, вирални видеа, „мемиња“, социјални медиуми, видео игри, рекламирање и многу повеќе. Но, она што е заедничко за сите медиуми е тоа дека споделуваат една работа: Некој ги создал. И тоа е создадено со причина. Што води до заклучокот – треба да разбереме дека разумот е основа на медиумската писменост.
Дигиталната ера ја олесни можноста за секој да може да создава содржина на медиумите. Не секогаш знаеме кој создал нешто, зошто го направил тоа и дали истото е веродостојно. Ова претставува потешкотија при учењето и предавањето на медиумската писменост. Сепак, медиумската писменост е вештина која е од суштинска важност во време на дигиталната ера.
Поточно, медиумската писменост им помага на младите да:
Научат да размислуваат критички. Додека младите ги оценуваат медиумите, тие одлучуваат дали пораките имаат смисла, зошто одредени информации биле вклучени во пораките, што е она што не било вклучено и кои се клучните идеи. Тие учат да користат примери за да го поддржат своето мислење. На крај, можат сами да одлучуваат за информациите врз основа на знаењето што веќе го имаат.
Станат паметни потрошувачи на информации. Медиумската писменост им помага на младите да научат како да утврдат дали нешто е веродостојно. Исто така, им помага да ја одредат „убедливата намера“ на рекламирањето и да се спротивстават на техниките што продавачите ги користат за да продаваат производи.
Препознаат гледна точка. Секој пишувач има различна перспектива. Идентификувањето на гледиштето на авторот им помага на младите да научат да ги ценат различните преспективи. Исто така, им помага да ја стават информацијата во контекст на она што веќе го знаат, или мислат дека го знаат.
Имаат медиумска одговорност. Препознавањето на сопственото гледиште, искажувањето на сопственото мислење и разбирањето дека пораката која ја испраќате има влијание е клучот на ефективна комуникација.
Идентификуваат улога на медиумите во нашата култура. Од озборувања на познати личности, до насловни страници, до „мемиња“, медиумите кажуваат нешто и на тој начин го обликуваат нашето разбирање за светот, па дури и не принудуваат да размислуваме и дејствуваме на одредени начини.
Ја разберат целта на авторот. Што сака да постигне пишувачот со содржината? Дали е чисто информативно, дали се обидува да го промени вашето мислење или сака да ве воведи во идеи кои досега ги немате слушнато? Кога младите ќе успеат да разберат каков тип на влијание има пораката, тогаш тие можат да направат избори на информации.
Кога ги учиме младите на медиумска писменост, не е целта да им се каже дали нешто е во ред или не е во ред. Всушност, целиот тој процес е размена на идеи. Можеме да научиме од младите исто толку колку и тие што учат од нас. Медиумската писменост вклучува поставување на прашања и поткрепа на вашите мислења со примери. Следејќи ги чекорите на медиумската писменост ќе ви помогне сами да научите што претставува одреден медиум, зошто е направен и што вие сакате да мислите за него. Учењето на младите за медиумска писменост не е само лекција што треба да седнат и да ја научат. Ефективноста може да ја добиеме ако се вклучиме заедно со младите во секојдневни активности. Разговарајте со младите за медиумите преку кои комуницираат и уживаат.
Кога веќе ја сфативме важноста на медиумската писменост, пред да изреагирате и барате објаснување за било која содржина, поставете си ги следните прашања: Кој ја креирал содржината? Што сака да постигне? За кого е пораката наменета? Дали оваа порака е веродостојна? Кои информации се изоставени и зошто? Какви чувства пробуди во вас пораката?
Големата изложеност на младите низ различни медиуми е главна причина зошто тие треба да бидат медиумски писмени и да научат да ги разликуваат лажните вести од вистинските информации. Само така истите би можеле да ги заштитиме!
Автор: Лела Јурукова, Соработник за логистика и членство во Коалиција СЕГА