Недела со закон од денеска е прогласен за неработен ден во Македонија. Според владините проценки, неделата сега ќе биде слободен ден за 92 % од работниците.
Работниците во дејности кои не смеат да бидат прекинати поради техничко-технолошкиот процес ќе добиваат најмалку 50 % повисок дневен додаток за работа во недела и слободни денови, кој ќе можат да го користат во наредните седум дена.
Сите вработени во трговските центри, бензинските пумпи, продавниците на мало со по еден вработен, кој ќе работат во недела, ќе добиваат дневница зголемена за 100 %.
Полни раце работа денеска имаа и инспекторатите. Трудов и пазарен со вонредни и засилени контроли. За прекршителите на законот предвидени се високи парични казни.
Работодавачите кои ќе го прекршат законот ќе се соочат со забрана за работа од 15 дена и прекршочна пријава. Доколку работодавачот го повтори истиот прекршок во рок од една година, забраната за работа ќе биде 30 дена. Во периодите на забрана за работа, работодавачот ќе има обврска на работниците да им исплаќа надоместок на плата во висина на платата исплатена претходниот месец и притоа, не смее да го намали бројот на вработените.