„Славата е сонце за мртвите“ – Балзак. Бадниковиот масакр е еден од најтрагичните настани, не само во историјата на Поречкиот регион, туку и во македонската историја воопшто. Овој крвав чин се случил на 6 јануари 1916 година во месноста „Дервишка нива“ (во близина на превојот Барбарас меѓу Прилеп и Македонски Брод) од страна на припадници на тогашната бугарска окупаторска војска под раководство на бугарскиот капетан К. Панов.
Овој грозоморен чин на тогашната бугарска власт во овој регион, освен што имал за цел да го дисциплинира Порече, имал и намера духовно и интелектуално да го обезглави Порече, бидејќи најголемиот број на убиени голораки луѓе се селски учители, свештеници и видни личности од сите поречки села.
Телата на убиените (повеќе од 140) биле фрлени во ископ во месноста „Дервишка нива“, а подоцна од роднини пренесени во Костурницата во близина на манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“ во с. Горни Манастирец.
Првичната костурница била изградена од руски монаси кои во дваесеттите години од минатиот век имале свое прибежиште во гореименуваниот манастир, а во 1938 година за време на Кралството Југославија, на постоечкиот стар објект е изградена нова импозантна градба во чест на убиените Поречани.
По повеќе од еден век, една граѓанска иницијатива на група млади луѓе се реши да им даде спокој и помен на сите жртви од овој трагичен настан, преку организирање на достоинствена панихида во присуство на голем број поречки родољуби.
Настанот, освен верскиот обреден дел, беше збогатен со читање на пригодни говори и поеми. Овој свечен настан е предвиден да стане традиција и секоја година на симболичен начин да се одбележува, воедно, да влезе во културната мапа на општина Македонски Брод како еден од најзначајните духовни и историски настани во овој дел од Македонија.
[elementor-template id=”47510″