ВИДЕО – Се бара среќниот наоѓач на паричката да се пријави во Општина Прилеп


Во пресрет на утрешниот голем христијански празник на Свети Василиј Велики или кај народот познат и како Василица, односно Стара Нова Година, денеска во Прилеп за прв пат се организираше настанот насловен „За Василица во Прилеп“. Организатори беа Општина Прилеп и општествено одговорни компании кои на присутните прилепчани, под Градскиот Саат, им поделија околу 400 буреци и топли напитоци. Во еден од буреците имаше специјално гравирана паричка, а среќниот наоѓач, кој се уште не е пријавен, ќе биде награден од Општина Прилеп со златен крст.

„Нашата повеќе вековна традиција која досега се одвиваше во домовите или во собир со најблиските сакаме да премини во традиција на отворено, а со тоа воедно да се привлечат наши граѓани и граѓани од околните градови и да премини во една традиција која се надеваме дека секоја година ќе биде побројна, побогата, поголема и се надеваме дека овие рестриктивни мерки кои ги почитуваме оваа година, нема да ги имаме наредната“, истакна Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.

Граѓаните кои беа присутни во голем број велат дека според традицијата утре за ручек во Прилеп сите фамилии вртат, пита, мазник или бурек со паричка, но некои тоа го правеле и за Бадник.

„И за Бадник и за Василица ние ставаме паричка, но поглавно ни е за Василица“, вели еден граѓанин.

 

„Ние секоја година месиме бурек со паричка за Василица, имаме полно мали деца и традицијата си ја почитуваме и во Словенија каде живееме, а сега денес сме тука во Прилеп дојдени за празниците“,  додаде една граѓанка.

 

„Бурекот за ручек го врти домаќинот 3 пати, а потоа се дели на сите во семејството, а се одделуваат и парчиња и за домот и за Господ“, вели друга прилепчанка.

 

„Свети Василиј го славиме затоа што тој тогаш делел парички, ги враќал парите кај народот, и го славиме него како голем добротвор, а вечерта на 13 јануари ние православните христијани си ја славиме Нова Година“, вели друга прилепчанка.

Целта е овој настан е кога ќе заврши пандемијата да прерасне во уште еден голем прилепски бренд, како Градската слава, Пиво Фест и други и истиот да биде посетуван и од посетители од другите градови во Македонија.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи