ЖРСМ Транспорт: Штрајкот на машинскиот персонал е незаконски

Facebook
Twitter
Email
Print

Од Железници на РСМ Транспорт АД Скопје денеска во соопштение го оквалификуваа како незаконски прекинот на работата во Железницата каде поради бојкот на машинскиот персонал кој бара исплата на вториот дел од платата за декември лани веќе два дена не сообраќаат патничките и товарните возови.

Во соопштението од кабинетот на генералниот директор на ЖРСМ Транспорт се наведува дека „прекинот на работата односно штрајкот не е организиран согласно Законот за работни односи и Колективниот договор на ЖРСМ Транспорт АД – Скопје и оти не е предизвикан поради социјален момент или други услови со извршување на работните задачи, туку од лична корист на машинскиот персонал“.

Незаконскиот штрајк, според соопштението, почнал вчера во 09.15 часот од страна на машинскиот персонал согласно точка 4 од нивната Одлука без број од 03.08.2021 година, заведена во архивата на ЖРСМ Транспорт АД – Скопје под број 1515/1 на истиот датум. Точката 4 од Одлуката гласи – Платата да се исплаќа до 25-ти во месецот, во спротивно на 26-ти прекинување со работа.

„ЖРС Транспорт ја известува јавноста дека во услови на пандемија како и енергетска криза редовно ги исплаќаат платите и надоместоците на вработените, иако друштвото се соочува со намалени приходи, а во исто време и зголемени трошоци по однос на користење на електричната енергија, кој инпут енормно ги зголемува вкупните трошоци во редовното работење“, наведуваат  од ЖРСМ Транспорт и напоменуваат дека Железници на РСМ на вработените им го има исплатено првиот дел на плата за декември 2021 година.

Истакнуваат дека железницата е крвоток и битен сегмент во извршување на превозот на патниците и стоките во државава и надвор од неа,  како и дека со целосниот прекин на железничкиот сообраќај им се нанесуваат огромни материјални и нематеријални штети на Железници на Република Северна Македонија Транспорт АД – Скопје, ЈП за железничка инфраструктура на Република Северна Македонија и на целокупното стопанство во државата.

„Напоменуваме дека незаконскиот прекин на работа, односно штрајк, не е организиран согласно Законот за работни односи и Колективниот договор на ЖРСМ Транспорт АД – Скопје и не е предизвикан поради социјален момент или други услови со извршување на работните задачи, туку од лична корист на машинскиот персонал кои имаат вкупни месечни парични примања во износ за септември 2021 година во износ од 51.555,00 денари, за месец октомври 2021 година во износ од 52.898,00 денари, за  ноември 2021 година во износ од 48.092,00 денари, односно тримесечен просек за периодот 09/2021 година до 11/2021 година во износ од 50.848,00 денари“, наведуваат во соопштение од ЖРСМ Транспорт.

„Во тој контекс, платата на машинскиот персонал континуирано се зголемува и тоа од 2007 година, па се до денес и тоа со користење на метод на присила, т.е. незаконски прекин на железничкиот сообраќај во кој тие се главни носители. Платите на другите вработени се драстично помали и тие воопшто не го следат претходното зголемување на трендот на платите на категоријата машински персонал (машиновозачи и помошници машиновозачи). За споредба само сакаме да ви посочиме дека платата на еден дипломиран инжинер во ЖРСМ Транспорт АД – Скопје кој не е на раководна функција изнесува околу 28.000,00-29.000,00 денари“, стои во соопштението.

Од ЖРСМ Транспорт ја споделуваат одлуката на Машинскиот персонал од 03.08.2021 година, заведена на тој датум во архивата на претпријатието под број 1515/1 , како и спецификацијата на просечната нето плата, бруто плата и просечен километар на машиновозачи за период од септември до ноември 2021. Најавуваат и дека дополнително ќе известат кои возови почнувајќи од завчера не сообраќале во патничкиот и товарниот сообраќај со име и презиме на машинскиот персонал кои требало да ги опслужуваат наведените возови.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи