Од продажбата на биоразградливите пластични кеси по 15 денари, преку фондот на Министерството за животна средина од 1 декември претходната година се собрани 235.000 евра
„Поминаа речиси два месеци од воведувањето на забраната. Во првиот месец – декември 2021 година од продажбата на биоразградливи кеси се собрани 14.413.019 денари. Според анализите кои ги започнавме да ги правиме во соработка со маркетите може да се заклучи дека имаме големо намалување на потрошувачката на кеси“, изјави министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.
Според Нуредини, од стапувањето на Законот на сила, потрошувачката на пластични кеси е намалена до 10 пати.
„Потребно е време за навикнување и прилагодување, но сепак веќе има доста позитивни промени, а маркетите продале и голем број на торби за повеќекратна употреба. Следи донесување на програма за инвестирање на средствата кои се добиени од продажбата на биоразградливите кеси, а целта е овозможување на системот за селекција на отпад да го осети секој граѓанин. Ќе дадеме почетен импулс на локалната самоуправа и колективните постапувачи кои имаат обврска со новите закони да воспостават инфраструктура за селекција на отпад за граѓаните, посебно во заштитените подрачја“, рече Нуредини.
Нуредини најави дека се подготвува план во какви еколошки проекти ќе се вложуваат собраните пари во еколошкиот фонд.