Делегација од Општина Прилеп предводена од градоначалникот Борче Јовчески и Советот на Општина Прилеп претставуван од претседателот Дејан Проданоски како и делегација на основното училиште и дел од учениците, со должна почит денес се поклонија и положија цвеќе по повод јубилејот 150 години од раѓањето на најголемиот македонски револуционер Гоце Делчев, пред бистата во ООУ „Гоце Делчев“.
Како дел од пригодната програма, пред присутните најпрвин се обрати директорката Снежана Котева која што истакна:
„Во оваа пригодна можност морам да нагласам дека се гордеам што нашето училиште сигурно чекори во процесите на унапредување на квалитетот на наставата и учењето имајки во предвид дека, во современото општество кое се карактеризира со брзи промени во сите области, воспитно-образовниот процес е поттикнувач на општествениот развој. “
Наставничката Величе Лесноска имаше подготвено реферат за животот и делото на нашиот апостол Гоце Делчев, а исто така дел од учениците имаа подготвено и кратка музичка точка со песна за Делчев.
Гоце Делчев е еден од најголемите македонски национални херои, учесник во македонското револуционерно движење, деец на Македонската револуционерна борба, апостол и срцето на револуционерна Македонија, идеолог, организатор и водач на македонското револуционерно националноослободително движење кон крајот на деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век.
Роден е на 04 февруари 1872 година во Кукуш. На 3 мај 1903 година откако пристигнал на закажаниот конгрес на Серскиот револуционерен округ во селото Баница Серско, војската го опколила селото и во борбата утрото на 04 мај загинал Делчев, бескомпромисниот борец за самостојна македонска држава.