Првиот синдикалец Дарко Димовски денес повторно нагласи дека доколку не се прифати нивното барање за минималната плата да изнесува 18.000 денари, ќе стапат во масовен штрајк.
Дојдете со нас и поминете го месецот со 15.200 ден., ги повикаа синдикатите работодавачите и побараа скалесто покачување на платите и почитување на Синдикатот.
„Минимална плата од 18 000 денари, скалесто зголемување на сите останати плати, како и регрес за сите вработени во јавниот сектор. Од ова нема отстапка“, рече Димовски.
ССМ најавува и дека ќе ги објавува со име и презиме сите пратеници кои нема да гласаат за Законот за измени на Законот за минималната плата.
„Секој еден пратеник ќе биде јавно објавен. Наредните избори се за две години и не знам како тие пратеници ќе се чувствуваат когаќе го слушнат нивното име и презиме и ќе се каже дека тој пратеник не кренал рака за покачување на платите на сите работници во државата“, рече Димовски.
За денес е најавен предупредувачки протест со блокирање на улицата пред седиштето на ОРМ и Стопанската комора на Македонија.