Во Припеп достигнат е врвот на пикот на овој бран и во наредните денови се очекува да се постигне едно стабилно плато после кое треба да започне да опаѓа бројот на заболени. Ова е ставот на прилепските епидемиолози кои велат дека засега стабилна е сликата и кај училиштата каде пак најмногу постоеше страв за ширење на вирусот. За скринингот на учениците се уште не знаат кога и како истиот би се извршувал.
„Со почетокот на второто полугодие на школската година немаме потврдено позитивни ниту наставници, ниту ученици. Еден наставник е само позитивен, но тој бил позитивен и пред почетокот на второто полугодие и воопшто не ни бил во контакт со ученици. А во градинките има 2 воспитувачки кои се позитивни на ковид 19. За скринингот конкретно се уште чекаме како би се изведувал, на колкав временски период, за што и накнадно ќе бидете известени“, рече Драгица Николоска, директорка на Центар за јавно здравје – Прилеп.
Во моментов во прилепската болница хоспитализирани се 32 пациенти, од кои 17 се комплетно имунизирани со 2 дози. Модуларната болница е претворена во дневен ковид центар кој го посетуваат 41 лице, а во моментов не се размислувало други одделенија како минатото да се пренаменуваат во ковид центри. Интересот за имунизација во Прилеп и понатаму бил слаб.
„Хоспитализираните се повозрасни и се наоѓаат во потешка состојба. И да напоменам како и секогаш, голем дел од нив не се вакцинирани и токму тие имаат потешка клиничка слика. За жал интересот за вакцинирање и понатаму не е голем. Поголема заинтересираност има кај оние граѓани кои се обраќаат за трета доза, а додека е помал бројот на граѓаните кои сакаат да се вакцинираат со прва доза“, истакна Кети Смилеска, директорка на општа болница „Борка Талески“ – Прилеп.
Во моментов во Прилеп според статистиките на Центарот за јавно здравје активни се 514 случаи.