Денеска екипите на ЈКП „Комуналец“ – Прилеп чистеа неколку диви депонии во боровата шума и во ендеците по патот за манастирот Трескавец. Од ова јавно претпријатие ги замолуваат граѓаните да имаат коректен однос спрема животната средина, да не го нагрдуваат визуелниот изглед на природата и да не ја загадуваат почвата и подземните води со исфрлање отпад во околината на градот.
„Иако овој пат води до едно од најпосетуваните светилишта како од прилепчани, така и од бројни странски туристи, несовесни граѓани не бирале место па исфрлиле домашен комунален отпад, остатоци од стари кревети, градежен и електронски отпад, како и комерцијален отпад настанат од процес на поправка на мебел и апарати од услужните дејности. Воедно, се чистеше и по обиколниот пат околу гробиштата каде беа исфрлени јоргани,постели, и пластичен отпад од домаќинствата и керамички плочки и др. Уште еднаш да повториме дека за секој вид на отпад граѓаните и бизнис секторот да се информираат и обраќаат на тел: 048/428 992, емајл:presskomunalec@yahoo.com, или со порака на ФБ страницата од ,,Комуналец’’, како и во рубриката,, Пријави ѓубре’’, на ВЕБ страната“, велат од ЈКП „Комуналец“.
Во зависност од временските услови „Комуналец“ ќе продолжел со чистење на дивите депонии. Неделава, доколку послужат временските услови ќе се чистеле неколку диви депонии по патот за викенд населбата Маркова чешма.