Дали конечно после години празни ветувања работите за изградба на нов театер во Прилеп се поместуваат од мртва точка? Во тек е подготовката на проектно техничката документација за реконструкција со доградба и надградба на Центарот за култура Марко Цепенков во Прилеп со цел обезбедување на простор за изградба на нов театар, кој ќе биде во состав на самиот Дом за култура. Новиот театар ќе биде во продолжение на галеријата односно ќе го опфаќа местото кое сега домот го издава на угостителски објекти и на просторот каде се наоѓа сегашното кино Мис Стон. За изработка на основниот проект и почеток на дел од работите за градба Министерството за култура годинава одделило 6 милиони денари.
„Имаше идејно решение, идејното решение Општината ни го отстапи. И започнавем со обезбедување на проектно техничка документација, односно на основниот проект. Во тек е подгоптовката на проектно техничката документација за изградба и надградба на Домот за култура со за обезбедување на простор на потребите на театарот, односно нов театар. Овој проект треба да заврши во јуни, со што потоа продолжуваме со новата фаза, односно почетокот на изградбата на нов театар и реконструкција на Домот за култура“, истакна Јасмина Мицовска Станкоска, в.д директор на ЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп.
Во оваа реконструкција, доградба и надградба, од Домот побарале да биде вклучен и вториот кат, кој исто така во минатото се издаваше за угостителски простор, каде сега било планирано да се изгради една концертна и една кино сала. Изработката на основиот проект треба да заврши во јуни, по што ќе следува распишување на тендер за изведувач на градежните работи.