Македонец со велосипед ќе вози 2.500 километри низ поранешните ЈУ-републики

Македонецот Александар Стојков ќе извози 2.500 километри со велосипед низ поранешните југословенски републики, во чест на неговата почината мајка Вера, но и на сите оние што ги загубиле животите во текот на пандемијата предизвикана од коронавирусот.

Стојков ја организира велосипедската тура „Вера тур 2022“, со цел ширење идејата за сплотеност и обединување на различностите. Годинава тој ќе биде единствениот учесник, а се надева дека истата ќе прерасне во традиција и ќе се одржува секоја година.

„Целта на оваа велосипедска тура е возобновување на човечките вредности, подзаборавени или изместени во последно време, враќање на соработката, разбирањето и љубовта од секаков вид, кои некогаш ги имаа, а денес помалку ги практикуваат народите кои живеат на овие простори. Да покажеме дека границите може да ограничат еден простор или држава, но не можат да не делат и да не спречат да се почитуваме. Пораките преку кои сето тоа ќе се реализира, се дека треба малку да се подзамислиме, да забавиме во ова брзо и динамично време, да се посветиме на тие околу нас, да се посветиме на здрав живот, на спорт, на толеранција, да ги почитуваме различностите како дополнителна вредност што не прави побогати, а не истата да не дели. Да покажеме дека за се треба да се има добра идеја, организација, посветеност, упорност и тим, затоа што сам никој не може. Да покажеме дека добрата мисла и енергија, може да го сплотат и да го зближат и она што навидум е неспоиво“, пишува Стојков.

Идејата за ваков спортски предизвик, сериозен логистички и организациски потфат, Стојков ја добил кога поради смртта не бил во можност да ја однесе неговата мајка на местата каде што работи, создава и гради. Сето тоа го мотивирало да осмисли една ваква манифестација во форма на аматерска маратонска тура со велосипед, која ќе ги обедини сите тие места, сите главни градови на овие 6 држави, сите места од неговото детство, сите важни места за семејството, но и за нас како држава, Македонија.

„Покрај другото, ќе оддадеме почит со официјален пречек на споменикот на Тоше Проески во Нова Градишка, ќе го посетиме и местото на кое загина Претседателот Борис Трајковски со екипажот, ќе ја посетиме и новозавршената Македонска црква во Загреб, а воедно ќе ги посетиме и сите природни убавини на 6-те држави по должина на рутата“, пишува Стојков.

Тимот задолжен за турата веќе е формиран, а на сите места кои ќе се посетат се организирани дочек и испраќање. Исто така се организираат и екипи на добронамерници, велосипедисти, мото-бајкери, ентузијасти и други, кои етапно ќе го следат Стојков и ќе придонесат за масовност на промотивното издание на „ВЕРА ТУР“.

Турата ќе се вози во вкупно 15 етапи, со околу 170 километри секоја, во 15 дена, со само два дена пауза меѓу етапите, што е подвиг еднаков на големите велосипедски натпреварувања. Се планира оваа тура да прерасне во голема натпреварувачка трка на овие простори, пандан на француската (Тур де Франс), италијанската (Џиро д’Италиа) и шпанската (Вуелта а Еспања), поради што ова прво издание е дополнителен предизвик.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи