ВИДЕО – Над 500 учесници со 15-тина групни маски на 20-то издание на Карневалот „Прочка“


Со изложбата на рачно изработени традиционални маски од страна на учениците од Прилеп, во петок во 12 часот во домот за култура „Марко Цепенков“, по 20-ти јубилеен пат и по пауза од 2 години ќе се отвори карневалот „Прочка“. Поради пандемијата, но и поради ограниченоста со финансиски средства годинава на карневалот ќе има маски само од Прилеп и Македонија. Досега се пријавиле над 500 учесниции со 15-тина маски, но пријавување е се уште отворено. Поради помалиот број на маски годинава нема да има дефиле во сабота, туку сите маски ќе продефилиираат во недела во центарот на Прилеп со почеток во 12 часот.

„Сакам да упатам покана до сите, не само до нашите сограѓани прилепчани, туку и до целата македонска јавност, да повелат, да дојдат во недела во 12 часот. Дефилето на Карневалот својот официјален почеток ќе го има од пред Домот за култура од каде што ќе се упатиме до поставената бина на плоштадот Методија Андонов Ченто“, рече Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.

Покрај дефилето ќе има и магионичари, жонглери, акробати, а фестивалот ќе заврши со концерт на групата „Фолтин“.

„Ги повикувам сите оние кои се уште не се пријавени нека ја посетат интернет страницата на Карневалот каде што е поставена пријавата, може да ја испратат по електронски пат или пак непосредно пред Карневалот да дојдат на централната бина каде што ќе им биде доделен број за настап. Очекуваме сите овие случувања да донесат малку позитивна енергија и расположение кое што барем за момент ќе ни овозможи да ги оставиме проблемите настрана и да уживаме. Бидејќи кризата не само ковид туку и финансиска која што трае веќе подолго време си го зема својот данок и од општественото живеење воопшто. Исто така сакам да потенцирам дека проодолжувањето на работата на сите кафетерии, ресторани и угостителски објекти во Прилеп останува, така што забавата во вечерните часови може и да потрае на задоволство на помладите“, истакна Снежана Ристеска, советник за култура во Општина Прилеп.

Од здружението „Прилепски Мечкари“, кои се едни од организаторите на Карневалот истакнаа дека годинава после подолг период купиле нови кожи, костуми и материјали за нивната маска. Ова маска од страна на Министерството за култура е призната и како нематеријално културно богатство на Македонија. Но за жал и покрај својата уникатност здружението досега нема добиено ниту денар од државата за одржување на оваа традиција.

„Го возобновивме Карневалот кој веќе беше пред умирање, ако и оваа година не го организиравме без разлика од која димензија, полека умираше желбата за изготвување на маски во Прилеп. Знаеме голем број луѓе кои изготвуваа маски оваа година нема да ги прават од за нив познати причини. Но имајќи во предвид од тие што ги знаеме и кои пријавија учество, овој ќе биде еден од подобрите Карневали во Македонија“, додаде Ванчо Ѓорѓиев, претседател на здружението „Прилепски Мечкари“.

Карневалот завршува во понеделник со ручек од посен грав за сите граѓани, кој го готви касапскиот еснаф во Прилеп, кои пак всушност се и членовите на маската „Прилепски Мачкари“.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи