ВИДЕО – Членките на „Преродба“ го одбележаа Тримир со посна трпеза, многу обичаи и голема дружба


Третиот ден од велигденските пости или кај народот познат како Тримир, традиционално како и секоја година Здружението на жени „Преродба“ од Прилеп го одбележа овој ден во своите простории со посна трпеза подготвена од македонски традиционални рецепти, зелници, мазници, грав, посна сарма, кравајчиња, баклава и друго. Според православната традиција, на почетокот на велигденските пости, оние христијани кои држат Тримир ниту јадат, ниту пијат од понеделник до среда, во средата одат на литургија каде се причестуваат, а потоа за прв пат после три дена конзумираат храна и вода.

„И после тој што си држел Тримир си поканува гости, си прави посна трпеза, и на неа се покануваат најблиските. Јас години наназад си го држам Тримирот и Велигденските пости. Исто и мајка ми и мојата баба го држеа Тримирот и сега за овој Тримир се покануваат ќерките кои се омажени во текот на ова година. Тие се покануваат за подобро да се запознаат семејствата да бидат блиски, да се научи ќерката како се почитува семејството во куќата каде што е појдена“, истакна Илка Илиоска, членка на здружение „Преродба“.

Интересно е тоа што на Тримир се канат само жени, а не мажи, затоа кај народот е познат уште и како женски празник или женски ден.

„Мајката од невестата прво си ја поканува свекрвата, а свекрвата пак си ги поканува нејзините блиски, золви или јатрви тоа што си има, да си го донеси на гости кај мајката од невестата. Невестата ја поучуваат дека е исто, во куќата каде што ќе појди таа дека треба да ги почитува нив како своите мајка и татко“, додаде Илиоска.

Најуникатниот посен специјалитет кој се приготвува специјално за овој ден е пченицата со конопни зрна, кој рецепт може да се каже дека го има само во Прилеп.

„Постарите мајка ми, баба ми, свекрва ми, ја кисневме пченицата од вечер, таа беше црна и сабајлето ќе ја исцедиме и ќе ја сушевме. Другиот ден ќе ја издуваме, ќе ја истолчиме да паднат лушпите, а сега помодерно ние пченицата е бела, ја вариме, конопните зрна ги толчевме порано во дибеци, а сега во соковницине ги мелиме. И водата треба да биде млада, бидејќи ако му туриш вода врела се попаруваат, омодруваат. И тоа е најлесно и брзо се прави“, вели Менче Пеоска, членка на здружение „Преродба“.

Целта на ова здружение, кое брои 80-тина членови, е зачувувавање на нашата традиција и велат дека и понатаму ќе продолжат со вакви настани кои ја негуваат истата.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи