ВИДЕО – „Македониумот“ со години во лоша состојба – дали конечно ќе се реши проблемот со овој музеј?


Повеќе години наназад еден од најзначајните музеи и споменици во Македонија, познатиот Македониум во Крушево се наоѓа во незавидна состојба. Дел од витражите се искршени, металната конструкција на која се поставени е корозирана и во споменикот течи вода кога врне. Сега пак освен од витражите вода и влaга започнала да навлегува и преку пукнатините кои се појавиле на самата бетонска конструкција на објектот. Таму со години се работеше ама како ништо да не е направено. Единствено лани комплетно се промени и реновираше подот на музејот.

„Споменав дека оваа година имаме 2 милиони денари и ќе работиме надворешно на бетонскиот дел, фирма да го заштити со најсоодветни материјали. Инаку ние го решивме некако и претходно тоа продирањето на влагата, но затоа сега ќе ги насочиме овие пари да се реши засекогаш овој проблем со влагата. Тоа е битно да нема продирање на влага во објектот“, вели Благоја Атанасоски, директор на Завод и Музеј Прилеп.

Музејот кој е завршен со градба во 1974 година се состои од повеќе целини кои започнуваат од платото на Гумење и кои водат се до главниот Споменик каде почиваат останките на великанот Никола Карев. Но и амфитеатарот пред Споменикот е во лоша состојба, особено керамичкиот дел кој е дело на уметникот Борко Лазески. За реконструкција на витражите се планира да бидат вклучени експерти од Полска.

„Сега во јуни ние поднесуваме пријава со поголема сума на пари, значи Министерството ако сака да се реши проблемот со „Илинден“ мора да се направи тоа темелно и втора фаза започнува со витражите. Консултацијата со полските експерти е тоа што тие многу стручно му пристапуваат на проблемот и предлагаат решенија кои би го решиле тој проблем за долг период. А потоа после витражите на ред е керамиката“, додаде Атанасоски.

Во ваква или слична состојба се наоѓаат голем број наши музеи и споменици што само докажува дека државата многу повеќе треба да се грижи за нашето културно и историско наследство кое е темелот на нашиот идентитет.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи