ВИДЕО – Ковачевски: Ќе се либерализира инсталирањето на фото панели за производство на струја и нејзина продажба


Веќе се работи на овозможување на либерализиран пристап да може секое домаќинство во државата да инсталира фотоволтаични системи, изјави премиерот Димитар Ковачевски, кој потенцираше дека во тек било изготвување на Закон со кој ќе се олесни постапката за инсталирање на фотоволтаични системи на домаќинствата и на индустриските објекти, односно на нивните кровови.

„Дополнително на тоа во план е да се зголеми и моќноста која во моментот е 4 киловати, да стане 6 киловати за домаќинствата, а за компаниите односно деловните субјекти од постојните 20 киловати без лиценца на 40 киловати со лиценца, додека над тоа со вадење на лиценца да можат практично неограничено колку што им дава просторот и условите за поврзување на дистрибутивната електроенергетска мрежа.

Втората промена која што се прави е во Правилникот за поврзување, при што треба да се овозможи со тој Правилник и тој е во надлежност на Министерството за економија и е во подготовка, да се овозможи дистрибутерите на електрична енергија да ја преземаат таа електрична енергија од домаќинствата, секако по цена која дистрибутерот ја презема од државниот снабдувач, односно производител на електрична енергија.

Третото е на најлесен начин да може таа да се разменува, за што веќе се подготвува подзаконски акт во Министерството за финансии, каде ќе биде овозможено воведување на даночен застапник, како што е во западноевропските држави, да може откупувачот на електричната енергија да може да издаде фактура за домаќинството, бидејќи тие не се даночни обврзници и врз основа на тоа да може полесно да се прави, односно да се овозможи размена на електрична енергија и соодветно третирање на данокот на додадена вредност“, рече Ковачевски.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи