Споменикот Илинден во Крушево или уште попознат како „Македониум“ е еден од најзначајните и најпознати споменици во Македонија. Изграден и пуштен во употреба е во 1974 година на 71 годишнината од подигнувањето на Илинденското востание. Автори се Јордан Грабул како вајар, Искра Грабул, архитект и Борко Лазески сликар. Целиот комплекс е составен од 4 целини, кои започнуваат од платото на Гумење каде се наоѓаат прангите, а потоа патот ве води до гробницата или криптата на загинатите револуционери. Одлучивме да направиме една прошетка и претставување на овој компекс.
„Се наоѓаме во вториот дел од споменикот Илинден попознат под псевдонимот Македониум. Првиот дел се неколкуте пранги кои го означуваат 5 вековното ропство под Османлиската империја. Следствено поставени од првата пранга која е бесилка, потоа наредните 3 пранги кои претставуваат најтешкиот 3 вековен период и последната пранга која е раскината пранга или ослободувањето од Османлиите. Како концепт во 4 дела Јордан Грабул го има осмислено перфектно ова негово дело. Така што проѓајќи кон финалето, кон кулминацијата на самата купола, доаѓаме до вториот дел кој се нарекува крупта, гробница или преку налик на овие топовски цевки, испакнатини, на чии фронтални делови можеме да ги прочитаме имињата на голем број наши дејце, места на борби, места на состаноци од севкупната територија на Македонскиот народ во која се извршувале тие борбени дејствија, тие одбрани за нашата слобода. Крипта е фигуративно, тука нема реални останки на нашите луѓе, туку е уметнички приказ на тој период“, вели Борис Маркоски, историчар на уметност.
По криптата или гробницата следниот дел од овој споменичен комплекс е т.н. летна училница, но жал сега е зима и целиот простор беше покриен со снег и не можеше да се види многу од него.
„Поголемитет групи кои ни доаѓаат во посета на овој Спомен комплекс ги седнуваме тука и му го одржуваме оној едукативен иситориски час за значењето на овој комплекс и ова дело. Додека второто име на овој дел, кое се вика летна сцена, повторно поврзано со убавиите периоди кога тука може да се седи, а во рамкитет на повисокиот дел да се одржи одредена културна манифестација од типот на некој мал концерт, настап на некое културно уметничко друштво итн. Она што е важно за овој дел се и двата керамо-пластични ѕида во форма на некое апстрактно прикажување на македонскиот фолклор и на боите на македонскиот фолклор. Дело на нашиот основоположник на современата уметност Петар Мазев. Кој уште од старт ги различува овие делови кои треба да кулминираат со самата купола, со самиот споменик“, додава Маркоски.
Од она што може да се забележи тука и овие столчиња тука и ова уметничко дело кое што е околу нас се наоѓа во една незавидна состојба?
Да, би рекол дека круцијална потреба е да се извршат реставраторски потези, да се санира, да се реставрира, да се реконструира можеби. Но како и да е ова дело не смее да пропаѓа на овој начин. Се наоѓаме на 1.300 мнв, големи зими, времето си го прави своето, така што би требало да се интервенира и остане тоа за нашите поколенија“, рече Маркоски.
После училницата се наоѓа главниот објект на овој споменичен комплекс, објект кој често пати поради својата форма го споредуваат и со вселенски брод.
„И она шт мене ми паѓа прво во очи тоа е самата влезна врата која ја содржи буквата М, која дефакто го прикажува оној псевдоним Македониум. Самиот автор, Јордан Грабул, сака преку овој споменик да ја прикажи македонската држава. Има многу објаснувања што всушност од надворешна страна сакал да каже авторот, така што едно од тие објаснувања е дека тоа е боздоган т.е. борбата на Македонскиот народ за својата слобода низ целата своја историја, сочинувајќи ја таа топка со тие испакнатини. И мостот како таа дрвена рачка на боздоганот. Но според одредени информации до кои јас имам дојдено е дека самиот автор вели дека тоа е жив организам, организам кој расти од тлото на земјата, на површината. Па ако малку и поетски тоа го поврземе би рекол дека тоа е растењето од тлото од ропството и издигнувањето на површината горе преобразувајќи се во еден апстрактен вселенски брод кој има за цел да полета кон космосот. А космосот е аплосултна слобода. И самиот автор тоа на некои места го споменува за самите прозорци. Кои од внатрешна страна гледаат на повеќето хоризонтални делови, но и оние витражи кои се насочени кон небото, кон космосот. Така што самиот тој вели дека долните прозорци се комуникација со светот, додека горните прозорци се комуникација со космосот“, истакна Маркоски.
Влеговме и внатре во Споменикот.
„Генерално можеме да го поделиме во прво ниво во кое се наоѓа во долниот дел, со централно место каде се наоѓа вечниот оган или огнот кој гори во срцето на македонскиот човек за својата татковина и за својата слобода. Потоа да заокружиме во овие 4 долни уметнички галерии, со една лабава, лесна, апстрактна уметност, која ја има направено конкретно самиот автор Јордан. Тука во тие 4 галерии се прикажани 4-те историски периоди на македонската борба, на македонскиот непокор. Започнувајќи од периодот на преродбата, преминувајќи во периодот на Илинденското востание и 10 дневната крушевска република, преминувајќи од другата страна на балканските војни, втората светска војна и завршувајќи со конечната слобода на Македонија. Секако движејќи се низ тоа долно ниво, низ тој прв дел го среќаваме и оној споменик, надгробниот споменик на претседателот Никола Карев, претседателот на првата Република на Балканот – Крушевската република кој тука се мести 1990 година преместувајќи ги неговите останки од музејот на Илинденското востание. После тоа концептот се движи на вториот дел тоа се витражните прозори. Тука улогата ја презема Борко Лазевски. Уште еден великан на современата македонска уметност. Кој преку овие шарени стакленца прави еден фолклорен приказ, еден колорит на македонскиот фолклор. Па така многу е интересно кога имаме сончеви денови, сонцето преку тие витражи знае на подот да направи шарен тепих кој го прикажува колоритот на македонскиот фолклор. И на крајот горниот дел од куполата каде гледаме повторно 4 отвори, 4 прозорци, кои се 4 факели на мирот и слободата симболизирајќи ја слободата на македонската држава, кои од надворешна гледна точка се распослани на 4-те страни на светот“, додаде Маркоски.
Но за жал сликата во „Македониумот“ и не е така сјајна. Пред 2 години заменети се искршените стакленца на витражите, но за жал и покрај некои интеревнеции внатре во споменикот се уште тече вода поради корозираниот метал на кој се поставени витражиите, а ѕидовите се позеленети од мувла.
Во 2016 година се превземени одредени работи за реконструкција на споменикот од страна на фирма која крајно нестручно ги извршува работитe иако биле потрошени над 3 милиони денари.
„Значи работите почнуваат да течат во текот на 2016 година, се работи на бетонскиот дел, започнувајќи од првата зона на самиот споменик, прангите, потоа во овој дел каде што е гробницата со топчињата и понатаму продолжува во керамичкиот дел во амфитеатарот, самите столчиња се третирани како и самиот споменик тука е третиран од надвор со префарбување со боја нестручно, исто така тиие имаатт и правено и одредени интервенции на самите витражи, менувани се делови од витражите, искршени стакла коии биле во тој период заменети со несоодветни стакла. Вие знаете дека витражите се посебен материјал, посебни уметнички дела кои си бараат соодветни материјали за изработка и стаклото е витражно, специјално се набавува за изработка на еден витраж. Значи тие работеле и во тој период на витражите нестручно. Како и на металната конструкција коии гии носат самите витражи и во долниот дел на стаклените делови каде што не се витражи. Металната конструкција е многу оштетена и тие веројатно нестручно пристапувале со заштита со одредени китирања што не гарантира никаква заштита“, изјави Благоја Атанасоски, директор на Завод и музеј Прилеп.
Во 2017 година е раскинат договорот со фирмата и се започнува со изработка на нов проект за реконструкција на Македониумот. Се вклучуваат и полски експерти за реконструкција на витражот. Проектот сега бил при крај и во јуни Заводот и Музеј Прилеп истиот ќе го достави до Министерството за култура.
„Значи ние направивме анекс и можам да ви кажам дека проектот е во завршна фаза, вклучени се наши експерти витражисти, од машинскиот дел, од бетонскиот дел, архитекти, ние донесовме и експерти од Полска витражисти кои специјално работат на таа проблематика, направија истражувачки работи и нивните согледувања, нивните стручни мислења се имплементирани во проектот. Сега овој проект ќе бара големи средства така што ќе бидие распишан и меѓународен тендер, веројатно се надеваме дека ќе бидат вклучени и тие странски експерти за да ја сработиме работата како што треба, како што заслужува споменикот да се доведе до состојба како што бил на неговото отворање“, додаде Атанасоски.
Годинава со 2 милиони денари ќе се реконструира бетонската конструкција на објектот од каде исто така на горните делови од споменикот навлегува вода, а потоа ќе се оди со витражите и керамичкиот дел кај летната училница. Лани пак со 900.000 денари беше комплетно заменет старит, со нов индустриски под. Со овие инвестиции за 2 до 3 години се планира Македониумот комплетно да го врати стариот сјај.