ВИДЕО – Светозаревиќ: Во Бугарија историчарите им влијаат на политичарите, а кај нас политиката се меша во историјата


Бугарската политика за негирање на Македонците има континуитет со истите методи од 60-тите години, па непрекинато се до денес. Тоа е несфатливо за 21 век и за научниците и историчарите од цела Европа. Ова е ставот на историчарот Бранислав Светозаревиќ Покорни, кој рече дека ова било незамисливо и за историчарите од Бугарија кои реално ги гледаат работите, но не можеле тоа јавно да го кажат, затоа што биле цензурирани.

„Кога ги анализирате изјавите на бугарските политичари и бугарските историчари, политичарите зборуваат за историја, а членовите на Комисијата, историчарите зборуваат за политика. Таа група на историчари, по се изгледа има таква и задача да конструира една политика. И имаат очигледно големо влијание врз политичарите, а обратно е кај нас. Кај нас политиката има влијание врз науката што е недозволиво“, вели Бранислав Светозаревиќ Покорни, историчар.

Бугарија сега се обидувала да го искористи моментот со уцените за ЕУ, со што би се потпишал договор кој потоа ќе имал далекусежни последици за Македонците, а за тоа освен нашите политичари виновни ќе биле и дел од историчарите кои сето ова го премолчувале.

„Сето ова нема да донесе посакувании резултати иако да речеме во моментов изгледа очајно кога ги гледаме нашите политичари и членови на Комисија како се однесуваат во однос на она што го гледаме од другата страна“, додаде Светозаревиќ.

Светозаревиќ во Прилеп ја помовираше својата книга „Македонци – милениумски сведоштва за идентитетското име“, пишувана врз основа на огромен број документи собирани од архивите на 32 држави, дека векови наназад има луѓе кои се изјаснуваат како Македонци, тие документи ги имало и во европските држави.

„Оваа книга е само поттик за сите оние кои се занимаваат со историско истражување и толкување. Таа е исто така книга и за научната фела, но таа е книга и за пошироката јавност. И конечно во ова наше секојдневие таа е еден продукт кој му нуди на Македонецот дека има своја историја, своја наука и своја иднина“, потенцираше проф. д-р Наташа Котлар Трајкова, научен советник во Институтот за национална историја.

Инаку името Македонци се носело прво како територијална идентификација, особено од 12 до 19 век, во 19 век има народносна самоидентификација, а на почеток на 20 век се развива идеја за национално име.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи