ВИДЕО – Прилепскиот пијанист, Арсениј Ангелески, е прогласен за најнадежен млад пијанист на Македонија


17 годишниот пијанист од Прилеп, Арсениј Ангелески, деновиве е прогласен за најнадежен млад пијанист на Македонија од страна на Piano Day Skopje. Вели дека оваа најнова награда, која е само една од бројните, е дополнителен поттик и понатаму да се занимава со музика и да биде уште поуспешен во тоа што најмногу го сака, а тоа е клавирот.

„Го организира Piano Day Skopje, кој се организира неколку години, лани ја имавме честа да учествуваме, каде што се одржува концерт од многу млади пијанисти од цела Македонија. Има семинари и оваа година ќе има семинар каде гостин ќе биде млад австриски композитор, каде што ќе имаме чест да се запознаеме со него и отсвириме негови композиции и потоа ќе има завршен концерт, каде ќе ни се доделат признанијата“, вели Арсениј Ангелески, пијанист.

Со музика и свирење на пијано започнува да се занимава на 7 години, кога образованието го започнува во основното музичко училиште „Ордан Михајлоски – Оцка“ во Прилеп, a во моментов е втора година во средното музичко училиште во Битола, во класата кај професорката Татјана Божиновска.

„Веројатно музиката ја засакав од мојата сестра која прва се запиша во музичкото училиште и таа прва започна да свири на клавир. Таа ме учеше на синтизајзер, на помал клавир и веројатно така ја засакав музиката. Потоа посериозно го продолжив моето знаење кај професорот Филип Пејоски кој ме држеше до 3 одделение, а потоа од 3 до 9 одделение бев кај професорката Христина Никоска“, истакна Ангелески.

Досега има учествувано на голем број натпревари и освоено 25 награди, од кои 24 се прво место, како една награда лауреат во својата категорија на меѓународниот натпревар во Сараево.

„Имам учествувано на голем број државни и меѓународни на натпревари, првиот ми беше на државниот натпревар каде освоив 1 место. И од тогаш имам учествувано на доста натпревари во државава и надвор од неа. Сега со ковид ситуацијата имаше доста онлајн натпревари каде учествувавме со пуштени снимки во Швајцарија, Словенија, Хрватска, со забележителни први или специјални награди“, рече Ангелески.

Но сепак она што секогаш ќе му остане во спомените е неговиот прв настап на натпреварот во Скопје, кога имал само 8 години.

„Можеби првиот натпревар во Скопје ми е најдраг, кој се уште го паметам, прва возбуда, прва трема, прв настап и тоа има големо влијание врз мене“, додаде Ангелески.

Омилен композитор му е Бетовен, а омилена композиција „Патетичната соната“. Сега се подготвува за голем број натпревари како кај нас, така и во странство.

„Сега во петок е државниот натпревар во Скопје, потоа во Охрид, Охридски бисери во јуни, Скопје и да видиме нешто во странство. Неивесно е дали ќе се оди оваа година во странство или пак натпреварите ќе бидат онлајн“, вели Ангелески.

Засега не знае дали ќе остане во Македонија или после средното училиште ќе се надоградува во странство, но едно е сигурно дека клавирот ќе биде неговата иднина.

Засега не се знае ништо, да завршиме прво средно, па ќе видиме дали странство или ќе продолжиме тука. Музиката е ценета кај нас, но прашањето е дали може да се напредува“, кажа Ангелески.

Ние пак како држава би сакале ваквите таленти да останат дома, да имаат можности да се надоградуваат кај нас, затоа што тие се најдобрите амбасадори на нашата држава.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи