Народната банка ја зголеми каматната стапка на благајничките записи за 0,25 процентни поени, односно од сегашните 1,25 проценти, таа ќе изнесува 1,5 проценти. Ова затегање на монетарната политика е одговор на растечката инфлација.
Од народната банка соопштија дека внимателно ги следат состојбите поради неизвесноста и ризиците од ескалацијата на геополитичките тензии и од нивните ефекти, пред сѐ, врз глобалниот раст на цените, но и врз трговските текови и побарувачката, при се уште неизвесен тек на пандемијата.
„На седницата на Комитетот беше одлучено да се зголеми каматната стапка на благајничките записи за 0,25 п.п., пред се како превентивен одговор на растечките инфлациски очекувања, во услови на задржани оцени за отсуство на поизразени притисоци од домашната побарувачка и присутни надолни ризици за неа во следниот период. При донесувањето на ваквата одлука во фокус беа најновите движења кај инфлацијата и инфлациските очекувања. Инаку, износот на понудата на благајнички записи на денешната аукција е непроменет, односно 10 милијарди денари“, информираше Народната банка.
Основната камата служи како ориентација на банките при формирање на каматите на кредитите, а дали банките ќе ги зголемат каматите на кредитите ќе зависи од самите банки.