СОНК доби покана за продолжување на преговорите во 15 часот во просториите на Министертството за образование и наука, соопшти на Фејсбук синдикалниот лидер Јаким Неделков.
Самостојниот синдикат за образование, наука и култура од понеделникот организира генерален штрајк во училиштата и градинките поради тоа што со Владата не постигна договор за зголемување на платите во дејностите образование и детска заштита.
Преговорите меѓу СОНК и Владата во изминатите две недели завршија без договор. По последната средба минатиот понеделник, Неделков рече дека нема краткорочно решение со кое веднаш ќе се зголемат платите на дејностите што ги застапува Синдикатот и поради тоа на 11 април го активираше најавениот штрајк.
Синдикатот бара платите на вработените веднаш да бидат зголемени за 18,4 отсто согласно со порастот на минималната плата која од овој месец е 18.000 денари и, дополнително, таа да биде основица со која ќе се множат коефициентите на сложеност на работни места.