Во петок во Прилеп изложба на минијатури на Зоран Арсовски – Бабата


Во Ликовната галеријат на НУЦК „Марко Цепенков” – Прилеп во петок, 20 мај 2022, во 19.00 часот ќе биде отворена изложба на минијатури на академскиот визуелен уметник Зоран Арсовски – Бабата.

За изложбата

Изложбата го носи насловот „Тектонски пореметувања – 2” која е продолжение на проектот „Тектонски пореметувања“ кој во 2019 година беше презентиран пред Српската публика во Белград во престижната Галерија на “Белградската тврдина на Калемегдан” и уште во два града во Србија, a потоа истата беше презентирана во Софија во “Културно – информативен центар на Македонија” и уште во еден град во Бугарија.

На ова изложба ќе бидат претставени над шеесетина дела коишто се изработени во маслена и акрилна сликарска техника. Арсовски е познат по своите концептуални изложби кои секогаш носат силни пораки па така и оваа изложба се трансформира во еден необичен свет којшто е реален како и секој друг и живее на сликарското платно но и во окото на гледачот, којшто молчи и гласно ги изразува своите пораки во зависност од тоа кој е перцепиентот на тој дел креативна реалност. А пораките можеби делуваат застрашувачки: изумирање на многу животински видови, птици, инсекти, тропски цицачи, како последица на човечките активности пред се погубното дејство на модерните технологии, брзиот начин на живеење за профит, нуклеарни експерименти и токсичните гасови во воздухот штетни врз човековото здравје и околина, како и глобалното загревање на планетата земја се претставени во делата на Арсовски. Затоа овој опус на дела треба пред се да се разбере како крик и последно предупредување до сите луѓе коишто ја сакаат оваа планета и можат со своето влијание да помогната во зачувувањето на животната средина, но и како дел од една единствена  интимна авторска креација којашто е посветена на еколошката идеја.

Податоци за авторот

Зоран Арсовски – Бабата е роден во Куманово 1980 година. Има дипломирано и магистрирано на Националната Ликовна Академија во Софија на катедрата за визуелни уметности, насока Сликарство во класата на професорите Станислав Памукчиев и Божидар Бојаџиев.

Има реализирано 14 самостојни изложби од кои дел се пред Меѓународната ликовна сцена. Учествувал на повеќе групни изложби, ликовни колонии, проекти, работилници и симпозиуми во земјава и странство. Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ). За својата работа има добиено повеќе награди и признанија.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи