Бирократските лавиринти и нефункционална администрација наместо да ја привлечат дијаспората да се врати назад и да ги троши парите тука, тие ја бркаат никогаш да не се врати во Македонија. Вака револтирано ја започнува својата приказна Даре Горгиовски од кавадаречкото село Фариш, кој 50 години живее во Германија и има само германско државјанство, бидејќи Германија дозволува да се има само едно државјанство, ако потекнуваш од земја која не е членка на ЕУ.
Во 2012 година поднесува документи за постојан престој и по законскиот рок од 5 години во 2017 година веќе ги исполнува условите, но службеникот кој го води предметот заминува во друго одделение, документите не се поднесени до Скопје и сега од полицијата во Кавадарци апсурдно му бараат да ја повтори одново целата постапка.
„Апелирам до службата за странци да го земи одново нашиот предмет, со истата документација, да ни дозволат престој или веќе ако не одбиваат да ни дадата некое решение, ние немаме ништо, ни на црно ни на бело, ништо на писмено, само усно ни кажаа“, вели Даре Горгиовски, Македонец кој живее во Германија.
Секоја година со сопругата седат во Македонија по 6 до 7 месеци, доаѓаат и нивните деца и внуци. Бидејќи за странци кај нас е дозволен престој само 3 месеци, тие постојано поднесуваат барање за продолжување на престојот. Затоа сакаат да добијат одобрение за постојан престој. Сега од револт ја продава куќата. Вели нашите власти ништо не прават за дијаспората.
„Таму имаме реклами, ова се прави за дијаспората, она се прави, идат посетители од министерствата наши, на македонските прослави таму, со музика, со гостење и после толку е се се заборава. Ние сме толку револтирани еве и куќата ја дадов на оглас, мора еднаш засекогаш да се поздравам со оваа наша мила Таковина, како земја, без присуство на администрацијата“, додаде Горгиовски.
Од МВР истакнаа дека ќе го преиспитале случајот и доколку се утврдело дека не постојат законски пречки за добивање на постојан престој на Горгиовски со дополнување или обнова на дел од документите кои се доставуваат во прилог на барањето, тој ќе добие вакови вид на престој. Во спротивно ќе мора целата процедура да ја започне одново во траење од 5 години. Горгиовски уште еднаш апелираше да се разгледа старото барање кое споре него било комплетно, бидејќи немал намера одново да поднесува документи во наредните 5 години.