И по 8 години од првата Критична Маса во Прилеп институциите се уште немаат слух за граѓаните кои користат алтернативен начин на превоз

Во Јуни 2014 граѓанската иницијатива Прилеп #наТочак ја поттикна првата #КритичнаМаса. Tогаш за прв пат ги повикаа граѓаните да излезат и недвосмислено да упатат порака до јавните функционери дека сообраќајот во Прилеп е практично насилие на асфалтот кое се негува и храни со политиките кои свесно се повторуваат со децении, а посебно последните години. Сето ова резултира со истиснување и бркање на граѓаните кои се движат на алтернативни начини (пешки, #наТочак, со помагала поради физички попречености, родители со мали деца и сл.) од градските улици и нивно принудување на премин кон движење со кола како единствен начин кој е безбеден во дадениве услови.

Еве и по 8 години, градот не само што се соочува со истиот проблем туку почнува немилосрдно да се бори со наглото зголемување на бројот на возила, што создава дополнителен загушлив сообраќаен метеж, а граѓаните кои сакат да бидат активни и да се движат на алтернативните начини, да бидат фрлени во оган заедно со тешкашите на коловозот.

„Она што очекуваме од локалните јавно избрани функционери, е да покажат елементарен ОСЕТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ за движење низ градот и да инвестираат во одржливи начини на движење преку безбедна и удобна пешачка и велосипедска инфраструктура. Како засегнати граѓани секогаш сме биле сојузник на Општината укажувајќи на локалните власти дека овој систем на сообраќај е неодржлив и дека Општината по децении инвестиции само во замена на асфалт и проширување на улиците со цел проток и удобност на колите, време е да се сврти назад и да види дека си ги заборави своите граѓани кои секојдневно се движат во градските улици во крајно незбезбедни услови. И покрај тоа што граѓаните еве 72 пат излегле на улица со јасни пораки, сепак влијанието на Општината останува минимално само со неколку (околу 3) километри изградена, соодветно не означена вело инфраструктура. Во меѓувреме се градат бројни проширени и новоотворени улици без планирање на велосипедскиот сообраќај. Бројни ветувања за конечен пресврт и планирање на инвестициите, за Прилеп да стане пред се град за луѓе, а не град загушен во моторни возила. На последниве локални избори сите кандидати и групи кои го сочинуваат градскиот Совет беа ЕДНОГЛАСНИ во своите програми и предлози дека нашите реакции се оправдани и потребни и дека ќе се залагаат за промени во планирањето на сообраќајот. Кога веќе го имаме тој КОНСЕНЗУС не гледаме причини за дополнителни одлагања. Прилеп може да стане вело град во еден мандат доколку тоа се постави како СТРАТЕШКА ЦЕЛ. Засега тоа не го гледаме. Додека цел свет инвестира во одржливи начини на живот, ние остануваме заглавени во минатото. Да направиме помена оти најдобро време за инвестирање во вело инфраструктура беше вчера“, велат од ПрилепНаТочак.

Воедно апел до сите донесувачи на одлуки во Прилеп, како и сите кои се чувстуваат засегнати, се сложуваат и се залагаат со горенаведените барања да се вклучат на 73- от протест со заедничко возење. Додека се возиме со точаци, ние сме активни учесници во сообраќајот и ги почитуваме сите правила и прописи како и останатите возила во сообраќајот.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи