Притвор за охриѓанецот кој пренесуваше 86 килограми марихуана

Основното јавно обвинителство Прилеп донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице, осомничено дека сторило кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, како и спречување на службено лице во вршење службено дејствие.

Како што денеска соопштија од Јавно обвинителство на Република Македонија, осомничениот 24-годишник од Охрид, вчера по магистралниот пат Прилеп-Градско пренесувал 86,11 килограми марихуана, наменета за натамошна продажба.

„Дрогата ја сместил во четири патни торби, на задното седиште од автомобилот, па во близина на бензинска пумпа на излезот од Прилеп бил сопрен од полициски службеници. Кога се обиделе да извршат контрола, со употреба на сила, тој ги спречил службените лица. На даден знак, тој најпрво го запрел возилото, а кога полициските службеници се доближиле да го проверат неговиот идентитет и сообраќајните документи, нагло со големо забрзување се дал во бегство, возејќи во правец кон полицајците. За да го избегнат ударот, тие скокнале на страна, а осомничениот со автомобилот удрил во службеното полициско возило и во уште еден автомобил во близина. Потоа продолжил да вози кон Градско и кога пристигнал кај местото викано „Ленишки мост“, запрел и започнал од автомобилот да ги исфрла торбиците со дрога. Полициските службеници го забележале, го совладале и го лишиле од слобода“, се појаснува во соопштението од Јавно обвинителство на Република Македонија.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Прилеп доставил предлог за определување мерка притвор, оценувајќи дека постои опасност осомничениот да се даде во бегство и да се обиде да ги прикрие трагите од извршеното дело.

Судијата на претходна постапка го прифати предлогот и на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена.​

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи