ИТ индуструјата е најмоќната и најдоходовната гранка насекаде во светот, а таму се и најголемите плати. Според последните податоци од Државниот завод за статистика, во март, во Македонија, просечната плата во секторот „Компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности“ била 80.128 денари.
Платите во приватните ИТ компании се далеку над просечента плата во државава од 31.080 денари, и многу поголеми отколку оние во јавниот сектор. Всушност, просечна плата во ИТ-секторот е поголема од основната плата на претседателот на Владата која е 78.896 денари.
ИКТ-работната група во Владата дошла до сознанија дека во државната администрација недостасуваат стручни лица во оваа област и дека без нив нема напредок. За ова информираше вицепремирката задолжена за политика за добро владеење Славица Грковска.
„ИТ кадрите не може и не смее да бидат третирани како администрација, затоа што тие тоа не се. На овие кадри мора да им понудиме соодветни услови за да останат во системот, бидејќи без нив не е возможен напредок. Работиме на неколку модели коишто би требало да бидат решение за ИТ кадрите во државната администрација“, изјави Грковска на Радио Канал 77.
Порталот „Пари“ во соработка со платформата БизнисМрежа.мк ги анализираше компаниите од ИТ-сектoрот кои се 100 проценти во македонска сопственост. Во овој сектор, и во однос на креативноста, и во однос на добивките, „само небото може да биде граница“.
КОМПЈУТЕРСКИТЕ ИГРИ ИМ ДОНЕСОА СЛАВА И НАЈГОЛЕМА ДОБИВКА
Најголема добивка од 2 милиони евра во светот на компјутерското програмирање во 2021 година кај нас ја има компанијата Furious Avocado (Фуриоус Авокадо ДОО Скопје). Ниту една друга компанија од ова бранша не направила толкав профит. Но, она што е особено интересно е што оваа добивка произлегува од вкупен промет од „само“ 2,7 милиони евра! Во оваа компанија има и само 8 вработени, и таму се веројатно најниските плати во овој сектор – просекот е 32.027 денари! Но, ако се освежи меморијата и ако се потсетиме за која фирма станува збор, тогаш работите стануваат појасни – и како фирмата успева току да заработи и зошто вработените не се грижат за ниската плата.
Вработените во оваа компанија се тимот кој во 2020 година ја создаде играта „Tie Dye“, игра која во првата недела достигна над 3 милиони преземања. Станува збор за игра за мобилни уреди од принципот DIY (do it yourself) односно направи сам, која се смета за доста едноставна, лесно разбирлива и наменета за најразлична публика. Оваа супер забавна игра успеа да ги пласира „Furious Avocado“ на светско ниво. Играта е објавена во соработка со нивниот партнер „Crazy Labs“, индустриски гигант и популарен издавач на Hyper Casual игри, кој се наоѓа во Израел.
Следните три места во ТОП 5 ИТ-компании по добивка припаѓаат на првите 3 компании кои имаат и најголем приход во овој сектор – ⋮IWConnect (Интерворкс ДООЕЛ Битола), Axapta Masters (Аксапта мастерс ДОО Скопје) и Nextsense (Некстсенс ДОО Скопје), додека на петотот место се наоѓа компанија која иако по вкупни приходи не е меѓу првите 5, по добивка е во друштвото на најпрофитната петорка. Станува збор за компанијата Aspekt (Аспект ДОО Скопје) со 50 вработени за развој на софтверски решенија за сегменти од финансиската индустрија.
ТОП 5 ИТ-компании по добивка во 2021
КОМПАНИЈА | ДОБИВКА 2021 ГОДИНА |
---|---|
Фјуриоус авокадо – Скопје | 2.000.000 евра |
Интерворкс – Битола | 1.950.000 евра |
Аксапта мастерс – Скопје | 1.350.000 евра |
Некстсенс – Скопје | 750.000 евра |
Аспект – Скопје | 680.000 евра |
ОД АМБИЦИЈА ВО ПОДРУМ ДО НАЈПРИХОДНА ИТ-КОМПАНИЈА
Со приход од 7 милиони евра во 2021 година, најголема компанија по приходи меѓу ИТ- фирмите е битолската „Интерворкс“. Сајтот babambitola.mk ја раскажа приказната на своите сограѓани.
„Едно ладно понеделничко утро во 2004 година, во мала гаража, група од амбициозни програмери седнаа заедно и започнаа да ја пишуваат историјата на „Интерворкс“. Всушност не беше гаража, туку визба која беше малку поголема од просечна гаража и го немаше мирисот на гаража. Го имаше мирисот на креативност и оптимизам. Оваа мала група на програмери ги приклучија своите десктоп компјутери и се приклучија на Интернет преку нивниот Dial-Up модем … и се поврзаа со Америка!!! Идејата на овие неколку програмери беше да работат програмирање за Америка, односно како што денес се нарекува модерно – аутсорсинг. Токму тоа и се случи!“
„Интерворкс“ има раст на приходите од 46,6% во 2021 година во однос на 2020 година, „Некстсенс“ раст од 30,09% и „Аксапта“ од дури 67,86%.
Четвртата компанија од ТОП петорката по приходи е скопска „Итгма“ и таа има пад на приходи од 4,69%, додека 5-тата компанија по висина на приход – „Интертек ИО“лани со своите услуги остварила приход поголем за 44,6%.
ТОП 5 ИТ – компании по приход во 2021 година
КОМПАНИЈА | ПРИХОД 2021 | ВРАБОТЕНИ | ПРОСЕЧНА НЕТО-ПЛАТА |
---|---|---|---|
ИНТЕРВОРКС – Битола | 7.000.000 евра | 170 | 53.360 денари |
НЕКСТСЕНС – Скопје | 6.800.000 евра | 87 | 72.820 денари |
АКСАПТА МАСТЕРС – Скопје | 5.500.000 евра | 111 | 111.754 денари |
ИТГМА – Скопје | 3.300.000 евра | 87 | 60.260 денари |
ИНТЕРТЕК.ИО – Скопје | 3.280.000 евра | 108 | 73.311 денари |
Со растот на приходите сите компании донеле и раст на добивките. Евидентно е дека добивките растеле многу повеќе од растот на приходите, па „Интерворкс“ остварил раст на добивка од 84,19%, „Некстсенс“ од 127,6%, „Аксапта Mастерс“ раст од 104,45%, а во „Интертек ИО“ растот на профитот бил 3.393%! Со намалувањето на приходите на „Итгма“ се намалила и добивката и тоа со поголем интензитет, па добивката на ова компанија е намалена за 16,73%. Сепак, компанијата успеала да го задржи истото ниво на плати на вработените, со благо зголемување од 0,09%, иако и бројчано го зголемила бројот на вработените од 67 на 87.
Податоците покажуваат дека во „Аксапта мастерс“, платите сè уште се највисоки во ова друштво на ТОП 5 најприходни компании и просекот во 2021 година изнесувал 117.754 денари. Во оваа компанија има и најголемо зголемување на бројот на вработени од 59 во 2020 година, на 111 во 2021 година.
Она што е особено интересно кај ИТ компаниите, освен што нудат највисоки плати на ниво на држава, овие компании се во трка да придобијат квалитетен кадар. А, тоа го прават нудејќи несекојдневни услови за работи, несекојдневни за наши простори каде што најголем дел од работниците одвај ги остваруваат загарантираните работнички права.
Па така ако си вработен во ИТ секторот може да имаш бенефиции од масажер на работно место, соба за релаксација ако сакаш да одмориш од работата, теретана во рамки на работната зграда, или да ви организираат зумба, градинка, два оброка за чие изготвување се вработени кувари. На располагање ви се билијард, пинг понг, негде нудат и базен и сауна. Исто така, програмерите имаат и доброволен пензиски фонд (трет столб), каде компанијата уплаќа за своите вработени, исто така имаат и приватно здравствено осигурување, етино им се нудат акции во компанијата, им се даваат безкаматни позајмици. За лојалноста на работното место, програмерите на пример во „Аксапта Mастерс“ за пет години работно искуство добиваат и автомобил во вредност и до 20 000,00 евра. Во оваа компанија доколку изразиш желба, можеш да работиш од далечина. Еве на пример, имате желба да работите од Охрид, компанијата ви организира хотел или место за престој и едноставно таа недела работиш од посакуваното место.
Со вакви бенефиции уште потешко ќе биде програмерите да конкурираат за државни работни места.
Целата анализа е достапна на линкот: https://pari.com.mk/it-