ВИДЕО – Патот Прилеп-Градско прооден после големата поплава која утринава отсече дел од него


Половина Македонија околу 10 часа беше целосно отсечена поради тоа што голема поплава ја уништи девијацијата, односно привремената делница Прилеп-Градско долга неколку стотини метри изградена во дел од Фаришката клисура. Оваа девијација беше изградена поради тоа што токму тука се гради тунелот од новиот експресен пат. Силното невреме и големите количини на вода од блиската река комплетно го отсекоа и уништија патот. На овој дел од експресниот пат Дреново-Фариш работи кинеската компанија „Синохидро“, која повеќе часови ги расчистуваше одроните и големите наноси од водата.

На местото кое беше целосно поплавено се наоѓаше привреме пат за проток на возилата низ Фаришката клисура од Прилеп кон Градско. После поплавата механизацијата започна со откопување на стариот пат Прилеп-Градско, кој беше намерно затрупан поради што тука се прави новиот експресен пат. Кога се отвори повторно овој стар пат Прилеп-Градско се воспостави нормален проток на сообраќајот на овој патен правец.

Возачите, од кои некои чекале и над 8 часа револтирано велат дека проблемот бил што самата девијација, односно тој привремено приспособен дел од патот бил направен скоро на ниво на реката. Велат дека стручните лица требало да предвидат дека може некогаш да се случат и вакви поголеми врнежи.

„Еми настана, можело пат да се направи во реката? Реката си е река, не може патот да биде река. Е сега реката си го направи своето, си помина по нејзиниот пат. Веројатно е грешка некоја, мал одвод на цевки имаше ставено, само по 2 цевки од по страна, колку да истекува водата, но тука надојде водата, донесе големи наноси на пластики, дрва и други работи кои не можеа да излезат низ тие отвори и мораше да заглават и водата помина преку патот“, рече Љупчо Талевски, возач од Битола.

Патот Прилеп-Градско сега е прооден, а денеска сите граѓани кои сакаа од западна да преминат во источна Македонија или обратно, можеа тоа да го направат единствено преку Скопје.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи