ВИДЕО – Прилепскиот музеј ја отвори постојаната поставка „Роднокрајно музичко творештво“


Заводот и Музеј во Прилеп ја доби својата нова постојана поставка на „Роднокрајно музичко творештво“ во која се застапени лични предмети на едни од најеминентните музички имиња кои потекнуваат од овој крај. Поставката содржи околу 200 предмети, а идејата истата да се проширува со нови витрини.

„Многу добра соработка имавме со музичките имиња и нивните семејства. Некои дури и сами доѓааа. Многу ни помогнаа и социјалните мрежи. Нашата старана на музејот, на која јавно кажавме дека соработуваме со сите кои сакаат да донесат музички материјали, семејствата сами доаѓаа, носеа материјали, се договаравме“, вели Лилјана Неделкоска, библиотекар во Завод и Музеј Прилеп.

 Иницијатор за креирањето на оваа поставка бил протоереј Златко Ангелески, член на единствениот официјален музички регистар ВБУ.

„Во 2019 година оствариваме средба со директорот на музејот Благоја Атанасоски, кој со широко срце и драга волја ја прифати таа наша иницијатива и рече дека ќе ги преземе сите можности и правни регулативи што се потребни со Министерството за култура за да се направи ова и еве денес сум неизмерно среќен и благодарен“, кажа Протоереј Златко Анегелески, иницијатор за создавање на поставката.

Во овие витрини се најдоа личните предмети на Блага Петреска, Пеце Атанасоски, Влатко Стефаноски, Ристо Бомбата, Гога Зафироски, Нина Спирова, Селимова Желчески, Коста Смилески, Илија Јанчулески, Сале од Крос роуд блуз бенд, Бен Хур и други.

„Прилеп бил секогаш лидер во многу области не само во музиката, но ова ми е посебно драго, бидејќи мене лично многу ми значи. И еве се што сум постигнала во животот ќе стои во оваа витрина, за Прилеп, за прилепчани, за мојот роден град“, рече Блага Петреска, музичар.

 

„Сето ова го имавме дома, со години го чувавме и негувавме, но местото на неговата носија, гајдата, инструментите на наградите се токму тука во музејот. Сакала ли судбината вака? Од тука замина за да ја шири убавата македонска песна и оро и тука ги помина последните моменти од животот“, додаде Весна Вучиќ, ќерка на Пеце Атанасоски.

 

„Многу сум благодарна во името на Ѓорѓи што се случи ова. Просто неверојатно и невистинито. Не сум учествувала на вакво нешто во цела Југославија да се случи вакво нешто за пејач“, истакна Кевсер Селимова, музичар и сопруга на Ѓорѓи Желчески.

 

„Ова не треба да застане тука, но да се прошири на сите области, бидејќи во Прилеп нема само даровити музичари, туку и новинари и инжинери и сниматели, професори, лекари, идејата е прекрасна, но да не застане тука“, кажа Зафир Зафироски, син на Гога Зафироски.

 

„Мојот татко Коста Смилески кој беше еден од најдобрите флејтисти во бившите ЈУ простори и Македонија. И уште еднаш сакам да го поздравам овој гест и настан. За да се зачуваат овие дела потребни се вакви настани за да останат запаметени за идните генерации“, изјави Васко Смилески, син на музичарот Коста Смилески.

Ова е единствена поставка од ваков вид во Македонија.

 „Би сакал секој град да има едно вакво музичко катче. Одлична идеја, трева можеби вакви поставки да има од сите области, не само музика, се што значи култура“, потенцираше Аријан Асланај, директор на Управата за заштита на културното наследство.

Инаку поставката се отвори на 67 годишнината од постоењето на прилепскиот музеј.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи