ССМ од утре почнува со најавениот генерален штрајк откако на денешната средба со владините претставници предводени од вицепремиерот за економија Фатмир Битиќи пропаднаа сите обиди за договор со Владата и исполнување на нивните барања.
Според Дарко Димовски, претседател на ССМ, не им преостанало ништо друго на вработени од јавниот и државниот сектор освен своето незадоволство да го изразат преку генерален штрајк. Синдикалците не успеаја да најдат заеднички јазик со Владата за нивните барања, односно линеарно покачување за сите по 2.806 денари и утврдување на регрес во јавниот сектор од 30 до 100 проценти од просечната плата, како и нов колективен договор.
„Разочаран сум од преговорите кои денеска се водеа во последен момент, очигледно дека беа само купување време и ништо друго. Не ни понудија ништо освен правење одредени комисии каде ќе се усогласи методологијата, убедувајќи не дека административниот службеник е непродуктивен работник, што не е така. Тие се сервис на граѓаните и ние користиме услуги од нив, а тие достоинствено си ја работат работата“, изјави Димовски.
Димовски додаде дека откако ќе излезат на улица, ќе наредат 120 столчиња пред Собранието, каде од пратениците ќе бараат да го прифатат нивниот амандман на ребалансот на Буџетот за линеарно зголемување на платите за 2.806 денари, како во јавниот, така и во приватниот сектор.
Од владата велат дека штрајкот е загарантирано уставно право на работниците, но засега велат дека со синдикатот не најдоа заедничко решение кое на долг рок ќе ги реши проблемите, а не само годинава. Битиќи вели дека е за зголемување на платите во јавниот сектор.
„Тоа треба да се следи и со методологија за раст на плати, за да не се враќаме на истата дискусија која ја имаме сега, а и во претходните 30 години ја имаме на секое зголемување на минималната плата, дали имало или немало усогласување на платите во јавниот сектор“, рече Фатмир Битиќи Вицепремиер за економија.
Штрајкот за утре е најавен да се одвива пред Собранието, а во четврток ќе биде пренасочен пред Влада. А и тогаш не се најде решение, штрајкот ќе продолжи пред Министерството за финансии.